Тајните на кинескиот ѕид - се гледа ли од вселената и што да понесете со себе доколку го посетите?
Како опашка на змеј, кинескиот ѕид се протега долж северната граница на Кина. Како што кажува неговото име, големиот кинески ѕид е едно од најголемите архитектонски дели и се вбројува во најимпозантните светски чуда изградени од човекот.
Историјата на кинескиот ѕид започнува уште пред 2.000 години, кога Кина сè уште не била ни обединета. Сепак, важно е да се знае дека кинескиот ѕид не е еден ѕид, туку е мноштво од повеќе ѕидови и утврдувања.
Најважните делови се: Бадалинг – којшто е најпознат, бидејќи е најпристапен за сите посетители; Мутианју – којшто е добро реставриран, но има помалку турканици; Симатаи – којшто е разурнат и груб дел од ѕидините и Џиншанлинг – којшто се препорачува само за сериозно пешачење.
И покрај тоа што очигледно ова светско чудо е многу важно за историјата, сепак УНЕСКО го има внесено во својата листа на заштитени локации, дури во 1987 година.
Еве дел од работите коишто треба да ги знаете доколку се решите да го посетите кинескиот ѕид:
Каде се наоѓа кинескиот ѕид?
До него може да дојдете од Пекинг. Од таму структурата се протега од Хусан до Лиаонинг на исток, па сѐ до Џиајугуан на североистокот на земјата. Всушност, кинескиот ѕид ја брани северната граница на Кина.
Археолошкото истражување од 2012 година покажало дека кинескиот ѕид опфаќал 15 провинции и се протегал од Ксинџианг на северозападот, па сѐ до границата со Кореја на исток.
Колку е долг кинескиот ѕид?
Доколку се измерат сите делови коишто некогаш биле изградени, кинескиот ѕид би бил долг 21.196 km.
Најпопуларниот и најубавиот дел е подигнат за време на династијата Минг и се протега на 8.852 km помеѓу Хушан и преминот Џиајугуан. Дури и ако го земеме предвид само главниот дел од ѕидот со должина од 3.460 km, тој сѐ уште ќе биде апсолутен рекордер во категоријата најдолг ѕид во светот.
Инаку, висината на кинескиот ѕид варира од 4,5 метри до скоро 12 метри височина, а во најдебелиот дел ѕидот е широк цели 10 метри.
Кога бил изграден кинескиот ѕид?
Тешко е да се утврди кога точно бил изграден кинескиот ѕид, бидејќи го граделе многу династии и владетели. Се верува дека првите делови од ѕидот се изградени уште во 770 година пред новата ера, иако официјално работата на ѕидот не е започната сè до 221 година пред новата ера, за време на императорот Кин Ши Хуанг.
Најголем дел од она што го гледаме денес како остаток од ѕидот е изградено за време на династијата Минг помеѓу 1368 и 1644 година.
Зошто бил изграден кинескиот ѕид?
Првобитно, ѕидот бил изграден како заштита во време на војна, и затоа по целата должина ѕидот има стражарски кули и утврдувања. Кога започнала првата официјална изградба на ѕидот намената му била да ја штити земјата од номадските племиња на север.
Подоцна, за време на династијата Хан, кинескиот ѕид бил продолжен за да се заштити трговијата по патот на свилата. На крај династијата Минг не само што го изградила најголемиот дел од ѕидот со дефанзивна улога, туку и обновила и зајакнала голем дел од старите ѕидови.
Како бил изграден кинескиот ѕид?
Покрај тоа што неговото име е во еднина, сепак кинескиот ѕид е серија од повеќе ѕидови и фортификации, од кои некои се дури паралелни едни со други, некои се кружни или пак се само странични ѕидини. Дури има делови од ѕидот коишто се природни бариери, како што се високите планински венци или реките.
Пред да започне официјалната изградба на ѕидот, кинеските државички граделе ѕидини од земја, дрво и камен, како заштита едни од други. За време на династијата Минг почнале да се употребуваат тули, а каменот се користел претежно во темелите и портите.
Императорот Ки Ши Хуанг располагал со работна сила од скоро 300.000 војници, обични луѓе и затвореници. Стотици илјади луѓе умреле додека се градел ѕидот, затоа што од нив се барало да пренесуваат тешки материјали на грб нагоре по стрмните ридови на планините.
Најголем дел од работата на постарите делови од ѕидот се одвивала со помош на примитивни технологии, рачни колички, јажиња, корпи и системи со макари, како и коњски и воловски коли.
Дали кинескиот ѕид се гледа од вселената?
Кинескиот ѕид, спротивно на популарното мислење, не се гледа од вселената со голо око. Ова е затоа што материјалот којшто е користен не се разликува од природниот камен, а и ѕидот во голема мера е разрушен или обраснат со вегетација.
Сепак, НАСА изјавиле дека делови од ѕидот можат да бидат фотографирани од вселенската станица, меѓутоа само во оптимални временски услови.
Што да правите, а што да не правите доколку сакате да го посетите кинескиот ѕид?
Не го посетувајте кинескиот ѕид за време на празници. Ѕидот е популарен за туристите, но на оваа атракција не се имуни ни локалците. Така на пример, на денот на чистење на гробовите во април, има толку голем метеж што може да ве фати клаустофобија од големиот број на збиен народ околу вас.
Препорачуваме да почекате до доцна попладне за да го посетите кинескиот ѕид, време кога голем дел од толпата која пристигнала наутро веќе си оди.
Понесете си удобни чевли за пешачење и многу вода.
(О)Милена | Црнобело