Барселона - магична приказна видена низ архитектонските визии на Антонио Гауди
„Аглите ќе исчезнат, а материјата ќе се прикаже себеси во богатството на астралните облици. Сонцето ќе свети од сите четири страни на светот и тоа ќе биде визија на рајот“.
Кога се споменува Барселона, името на Гауди неминовно се наметнува како првиот синоним. Човекот кого го заобиколиле славата, почитта и наградите во времето додека напорно работел, денес конечно го доби(ва) заслуженото внимание и восхит.
Неговите дела се сметале за „луди, чукнати и премногу предизвикувачки“. Денес, една од причините поради која Барселона е една од најмасовно посетените европски дестинации се токму делата на Антонио Гауди.
Куќата Висенс - CASA VICENS
Првата дизајнирана куќа од страна на Гауди е изградена кон крајот на 19-от век. Куќата Висенс е запрепастувачко здание и претставува неверојатна симбиоза од шаховски дезен, шарени плочки и тули.
Со необичните агли и високата купола таа магнетски го привлекува вниманието на милиони туристи кои крстосуваат низ Барселона, а од октомври оваа година се отвора како музеј за посетителите, иако досега беше приватна резиденција.
Винарската визба Гуељ - BODEGAS GÜELL
Изградена помеѓу 1895 и 1897 година, винарската визба Гуељ е комплекс чија изградба била финансиски поддржана од Еусебиј де Гуељ. Тој се воодушевил откако ги видел креациите на Гауди изложени на Светскиот саем во Париз.
Во градбата јасно е прикажано влијанието на неоготската архитектура, со оглед на фактот што камената фасада содржи косини кои се извиваат, односно искачуваат и спуштаат, неколку лакови, односно сводови и стилизирани куполи со конусни врвови.
Паркот Гуељ - PARK GÜELL
Гуељ е еден од најинтересните паркови во светот и е совршена синтеза на природата и архитектурата.
Лоциран е на ридот Ел Кармен, а проектиран за потребите на мецената на Гауди, грофот Еусебиј де Гуељ. Токму поради тоа го носи и неговото име.
Пештери, кривулести патчиња, мозаици од шарени керамички плочки и многуте дрвја, цвеќиња и билки создаваат уникатна атмосфера и му даваат дополнителен шарм на паркот, сличен како оној на оригиналниот творец.
Куќата Батљо - CASA BATLLÓ
Името кое го употребува локалното население за да го опише ова здание е „Куќа на коските“. Причината е интересниот „скелет“ чија фасада е декорирана со мозаик од кршени керамички плочки во златна боја и зелено-сини нијанси.
Куќата Батљо делува како да е „жива“ и навидум мистериозно се придвижува пред окото на минувачите.
Црква на светото семејство - LA SAGRADA FAMÍLIA
Недовршениот сон на големиот архитект. Иако сè уште се гради и според многумина претставува импресивно, но прилично масивно архитектонско здание, катедралата сепак привлекува најмногу туристи и стана вистински печат на Барселона.
Издолжените вретенести куполи високи 170 m се симболот кој ја претставува уникатната визија на Гауди.
Ремек-делото на архитектот на кое посветил повеќе од 40 години се очекува да биде целосно завршено до 2026-тата година, после точно 100 години од почетокот на градежните работи.
(О)Милена | Црнобело