Секојдневни прашања на туристи кои одат во Грција: Колкави се комарците во Неи Пори? Колку е гирото?
Кога ќе дојде време за да се закаже одмор во некоја туристичка агенција, сите ние имаме милион прашања. Која е најдобра опција за семеен одмор, која за одмор со друштво, каде храната е скапа, каде е поевтина и слично.
Освен за дестинациите и аранжманите кои се нудат, патниците имаат и други прашања, а некои од нив се толку детални, што на вработените во агенциите понекогаш навистина не им е лесно.
Еве некои оригинални прашања кои ги откриваат вработените во туристичките агенции, а се однесуваат на одмор во Грција:
Некои патници мислат дека вработените во агенциите знаат сé, па прашуваат зошто Грците ги тргнаа мрежите за медузи или дали има пчели на Тасос? (Тасос, како и секој друг Грчки остров е познат по производството на мед.)
На некои прашања, како на пример „Колкави се комарците во Неи Пори?“ навистина не се знае точниот одговор. Патникот дознал дека во Неи Пори комарците биле мали и невидливи, па сака да биде сигурен.
Некои патници очигледно имаат слаби познавања од географија, па прашуваат „На кој крак на Халкидики е Скијатос?“
Некои се загрижени, па не знаат дали воопшто да одат на одмор, како на пример овој патник со изјавата: „Страв ми е да одам на Тасос поради земјотресите“. (Земјотреси имаше на Кефалонија, не на Тасос).
Има патници кои се интересираат за политички теми, на пример дали кога ќе излезе Грција од ЕУ, сè ќе биде поскапо или пак прашуваат дали нешто ќе им се случи заради мигрантите?
Други прашања кои туристите често ги поставуваат (за некои од нив нема да ви се верува):
„Што викаат, какво ќе биде времето на крај на август?“
„Колку патарини има?“
„А, ќе ни стават налепница ако имаме знакче МК на регистрацијата?“
„Колку е гирото?“
„А, во водата ќе има медузи и треви?“
„Крадат многу во Грција?“
„Има банани за појадок во хотелот?“
„Зошто во хотелот нема вечера?“ (Понудата е ноќевање со појадок.)
„А, смеам да се бањам на таа плажа?“ (Плажата во Неи Пори е идеална за деца бидејќи е плитка, па некои не знаат дали е забранета за возрасни).
М. В. | Црнобело