Совршени места за да избегате од зимата
Зимата и снегот тукушто пристигнаа, но покрај оние кои едвај чекаа да се израдуваат на снежната белина, да го облечат омилениот капут или веќе го планираат своето зимување на некоја планина, има и такви кои се згрозени од сето тоа.
Некои луѓе на драго срце би ја преспале зимата и би се разбудиле во пролет или лето. Ако вие сте меѓу нив, не очајувајте. Наместо зимување, испланирајте летување во декември и посетете ги следниве места:
Палау
Ова место од птичја перспектива личи на зелена дамка во Тихиот Океан и опкружено е со уште 200 други острови, песок и азурно сина вода. Просторот е идеален за кајакарење и нуркање бидејќи ја има една од најубавите подводни глетки во светот.
Тонга
Покрај тоа што има преубави песочни плажи и совршено водно пространство за пливање и нуркање, оваа пацифичка островска држава е единственото останато кралство во кое глобализацијата не успеала во целост да ја истисне полинезиската традиција, па сè уште се одржуваат старите занаети и се носи традиционална облека.
Сао Томе и Принчипе
Не многу популарно место кое не е премногу посетувано, а се наоѓа недалеку од африканскиот брег во Гвинејскиот залив. Плажите се речиси недопрени и нудат ретки туристички атракции како стари колонијални куќички што му даваат романтична атмосфера на целото место.
Тринидад и Тобаго
Прашуми, улична храна, мултикултура и раскошен карневал е она што ви го гарантира овој возбудлив карипски остров. На западниот брег има долги песочни плажи и малку туристи, за разлика од источниот брег каде има цвеќиња слични на оние во Јужна Америка и разновиден егзотичен животински свет.
Кукови острови
Капетан Кук би бил горд што дури 15 острови го носат неговото име и претставуваат најубави пацифички рајски места составени од песок, море и палми.
Папуа Нова Гвинеја
На ова место може да уживате во истражувањето на 650 видови птици, 160 видови жаби и дури 820 различни јазици. Овде не се толку интересни плажите, колку што е внатрешноста, каде може да дознаете најразлични работи кои не сте ги ни помислувале.