Вистината за осамената куќичка во Исланд
На крајниот брег на Исланд се наоѓа одделен остров на кој има мала осамена куќичка, која личи на куќичката во која се криеше Хари Потер на неговиот 11-ти роденден.
Во текот на годините, сликите од оваа куќичка биле правени од авиони, бродови и слично. Колку повеќе напредуваше дигиталната ера и се правеа дигитални фотографии, толку повеќе имаше различни приказни, озборување, претпоставки, вистини и лаги за осамената мистериозна куќичка.
Еве некои од претпоставките за куќата кои НЕ се точни:
Не е лоцирана на третиот најголем остров во Исланд. Не е подарок од владата за нивната позната ѕвезда Бјорк. Не е креирана во фотошоп. Не е на некој таен милионер, ниту на некој религиозен следбеник, ниту е тајна скривница од некоја апокалиса.
Всушност, тоа не е ниту куќа!
Се работи за островот Елидеј, односно едниот од двата острова Елидеј, кои ги има Исланд, именувани со исто име. Едниот е на запад и таму се наоѓа домот на позната пејачка Бјорк, а на другиот остров Елидеј кој се наоѓа на архипелагот Вестмен, на крајот на јужниот брег на Исланд е оваа осамена градба.
Пред 300 години, Елидеј бил населен од пет фамилии кои живееле во колиби и преживувале со ловење риби, одгледување крави и ловење пуфини.
Но, подоцна оние кои преживувале тука, почнале да се иселуваат на други места во Исланд, каде што откриле поекономични места за одгледување добиток и ловење пуфини. По некое време, сепак, се покажало дека најдобар лов на пуфини се прави токму од ова место во Исланд, па Ловечката асоцијација на Елидеј, во 1953 година одлучила да изгради место, објект каде ќе престојуваат членовите на асоцијацијата во периодот за лов на пуфини,
Тоа е таа градба, која ги измамува фотографите. Во неа нема струја, а уште помалку интернет, но има сауна. Водата за во сауната и за други едноставни потреби како готвење и пиење, доаѓа од дождовната вода во колекторскиот систем. Објектот е заштитен со ограда за да ги заштити пуфините.
Доколку не сте член на Ловечката асоцијација или нивни пријател, не можете да останете да престојувате овде, но овозможени се туристички посети со брод од главниот остров Хеимеј. Исто така, на островите Вестмен се нудат можности за рурален туризам низ островите, спортско качување, историски предавања, дури и курс за голф.