Викенд предлог: Берово
Кога доаѓате во Берово, мислите дека сте дошле на крајот на светот! Затоа што не е бучно место, затоа што е планинско и затоа што изобилува со недопрена убавина.
Се наоѓа во источниот дел кој е сместен под падините на Малешевските планини. Се протега на прилично мала површина од нецели 600 километри, но дефинитивно има што да понуди.
За тоа како го добило Берово своето име, постојат две верзии. Според првата, тоа го добило своето име по името на некој си сточар Беро. Аргумент за ова е постоењето на таканаречената Берова ливада, во атарот меѓу селата Мачево и Робово, за која се смета дека му припаѓала на овој сточар.
Според втората верзија која е поверојатна името Берово произлегло од тоа што луѓето од околните населени места се береле (се собирале) на местото каде што се наоѓа денешно Берово.
Неговата борова шума и животински свет нема да ве остави рамнодушни, исто како и познатото Беровско езеро. Над самото езеро се наоѓа ресторан од кој може да уживате во глетката и во умерената клима која е вистински рај во летниот период.
Студените ноќи и утра во Берово се идеални за уживање во некој од локалните кафулиња и ресторани, додека пак топлите денови искористете ги да ја посетите браната на Беровското езеро, хотелот Манастир кој е одличен начин да ја научите традицијата или пак едноставно уживајте во свежиот воздух низ боровите шуми.