Најубавите музеи во Европа
Музеите се места посветени на уметноста кои ги чуваат, истражуваат и изложуваат материјалите или делата на големите креативци, кои секојдневно не фасцинираат и ја будат длабоко скриената љубов кон уметноста.
Европа како центар на културата и уметноста поседува многу музеи кои мора да ги посетите барем еднаш во животот. Секој од нив е уникатен и прекрасен на свој начин, како и делата кои ги содржи.
“Louvre” - Париз
Оваа палата на уметност гордо ја носи титулата на најпосетуваниот музеј со речиси 10 милиони посетители годишно. Најпрепознатлив симбол е стаклената пирамида која служи како влез за добро чуваната слика Мона Лиза насликана од Леонардо да Винчи. Сликата која го привлекува вниманието на секој посетител е „Слободата го води народот“ како и драматичниот приказ на „Француската револуција“.
“Musée d’Orsay” - Париз
Престолнината на Франција поседува уште еден музеј кој не смее да се остави на страна. Оваа оаза на убавина и некогашна железничка станица, е украсена со дела на најпознати импресионисти и впечатлив голем позлатен часовник кој е единствен потсетник дека времето тече во овој музеј. Доколку го посетите, ќе имате можност да се задлабочите во делата на Клод Моне, Ван Гог, Едвард Моне и Реноар.
“Rijksmuseum” - Амстердам
Неодамна реставриран, тоа е музеј кој во себе чува екпонати од златното доба на Холандија. Секој кој ќе го посети овој музеј задолжително треба да ги погледне и делата од Рембрант и Јоханес Вермер.
“Prado” - Мадрид
Националниот музеј Прадо може да се пофали со сеопфатни колекции на европското сликарство бидејќи во него се сместени дела од врвни уметници како Пикасо, Франциско Гоје, Тинторето, Рубенс. Исто така поседува богата збирка на грчки и римски склуптури.
“Kunsthistorishes museum” - Виена
Во овој музеј се чува уметничката колекција на кралското семејство Хабзбург од времето на ренесансата. Покрај Бројгел, Рубенс,Тицијан можете да го погледнете ремек делото на палеолитска уметност „Вилендорвска Венера“ стара преку 20.000 години. За да ја видите најславната слика на австрискиот сликар Густав Климт - The Kiss, морате да одите во музејот “Belvedere”.
“Galleria degli Uffizi” - Фиренца
Најбогатата колекција на италијанската ренесанса се наоѓа во просториите на оваа преубава градба. Чуваната „Раѓањето на Венера“ и „Пролет“ се две слики од Ботичели кои никого не оставаат рамнодушен. Покрај прекрасната уметност која ја нуди овој музеј, на кровот на оваа градба може да уживате во прекрасниот и неповторлив поглед на Фиренца.
“National gallery”- Лондон
Еден од ретките музеи каде што влезот е бесплатен и се наоѓа на познатиот Трафалгар плоштад во кој има преку 2000 слики од уметници како Гијото, Тицијан, Да Винчи, Реноар...
“Tate Modern”- Лондон
Овој музеј е најпознат и надпросечен музеј на современата уметност во Европа кој содржи дела на Пикасо, Ротко, Ворхол и Матис. Колекцијата содржи дела кои датираат од 1900 и ги опфаќа правците како кубизам, футуризам, хиперреализам и поп арт.
“Hermitage”- Санкт Петерсбург
Тука се наоѓаат повеќе од три милиони експонати, од кои само мал дел се достапни за јавноста и ја поседува најголемата колекција на слики во светот. Ако секоја минута гледате по еден ескопнат од овој музеј би ви требало околу 11 години да ја погледате целата збирка. “Hermitage” поседува завидна колекција на слики од периодот на италијанската ренесанса, фламански барок, импресионизам, постимпресионизам, како и колекција на ориентална уметност.
“Musei Vaticani” - Ватикан
Најмалата земја на светот има музеј кој веќе подолго време се вбројува во групата на најубави музеи во светот, каде што има цели простории кои биле насликани од Рафаел, Сикстинската капела насликана од Микеланџело, слики од Караваџо, Тицијан, Да Винчи и многу други светски познати ремек дела.