Ми недостасува Јоханесбург
Првпат кога стапнав на почвата на Јужна Африка, во Јоханесбург, после девет и пол часовен лет, не ни очекував дека ќе го помислам ова - ми недостасува Јоханесбург. Но, Јоханесбург успеа да ме освои и да ги надмине моите очекувања, секако, со неговите позитивни и негативни карактеристики на постоење.
Ми недостасува пространството низ кое се протега овој тримилионски град, каде што и најкратката дестинација со автомобил не изнесува помалку од 15 минути, каде што и во најголемиот сообраќаен метеж, пред и по завршување на работното време, улиците се полни, но сообраќајот си врви во најдобар ред, без застој и без свирежи на нервозните возачи. На раскрсниците, малите црни продавачи на сè и сешто, потсетуваат на скопското секојдневие, и иако сум десетици илијади километри далеку од дома, не се чувствувам толку оддалечено.
Не постои метро, ни тролејбус, па повеќето жители се возат со автомобили, а многу поретко со градски превоз, а туристите користат рент-а-кар. Ми се допаѓаат пешачките надвозници изведени во стилот на Калатрава, но сепак тука нема нов, значаен објект испроектиран од светски познато архитектонско име. На мое големо задоволство, се градат објекти во современ, модернистички стил, и иако се проекти на локални архитектонски студија, имаат примеси, влијанија од современите и реномирани светски архитекти како што се Рем Колхас, Френк Гери, Сантијаго Калатрава...
Возејќи се покрај индустриската зона на градот, немам чувство дека проаѓам покрај разни машински и производствени погони. Фасадите се приказна за себе - интересни идеи, едноставно изведени, без пренатрупаност и без премногу колоритност, истовремено гордо ја прикажуваат функцијата на објектот, а сепак го немаат оној карактеристичен, стандарден изглед на фабрики.
Мали фабрики до кои се стигнува преку долг дрворед и симпатични настрешници на паркингот за автомобили, им го разубавуваат секој почеток на работниот ден на работниците. Веднаш помислив колку посреќни би биле македонските работници кога би работеле во вакво опкружување - секојдневно проаѓање покрај шума, пауза на клупа во убаво уредена градина на фирмата и обезбеден паркинг-простор за сечиј автомобил.
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Трагите од Светското фудбалско првенство одржано во 2010 година во Јужна Африка сè уште се свежи, почнувајќи од грандиозните стадиони изградени за таа намена, од кои главниот стадион собира и до 80.000 гледачи, и кој главно после првенството се полни само за концерти на светски познати ѕвезди и предизборни митинзи.
Тука се и огромните панорамски тркала, чии кошници се направени во вид на фудбалска топка, па сè до вувузелите што сè уште можат да се најдат по рафтовите во продавниците.
ТРГОВСКИ ЦЕНТРИ
Во Јоханесбург трговски центри има во изобилство, секако, не служат само за шопинг, тие содржат и киносали, театри, казина, хотели, канцеларии, изложбени простори, а најубавиот дел претставува плоштад, кој е сместен околу трговскиот центар. Мене голем впечаток ми остави плоштадот "Нелсон Мендела" во трговскиот центар Сандтон.
Плени со едноставност, не е пренатрупан со стандарден инвентар за плоштади, има само две клупи за седење, мали ресторани од двете страни и библиотека наспроти грандиозната скулптура на големиот Нелсон Мендела.
Блиску до скулптурата има и фонтана која не е преголема, и е на ниво на пешачката патека, па така ако се занесеш и не внимаваш лесно може да "влезеш" во фонтаната. Ми недостасува и трговскиот центар Design Quarter, наменет за салони за мебел, проектантски бироа и продавници со роба наменета за уредување на домовите.
Функцијата на овој центар се насетува уште при неговата влезна партија - архитектонски минималистички уреден, но ефектен. Мис Ван Дер Рое тука навистина би го почувствувал неговото мото "Помалку е повеќе". Во неговата внатрешност преовладуваат стаклени површини, но не се чувствува презаситеност бидејќи одлично се вклопени со останатите делови изведени од друг материјал. Тука има и неколку кафулиња и кафе ресторани, кои се вклопени во целокупниот убаво спакуван дизајнерски кварт. Некои од нив се дури и тематски уредени. За да се доживее атмосферата во нив, потребно е да се присуствува лично, зборовите се одвишни.
КВАРТОВИ
Како и секоја светска метропола, и Јоханесбург има уметнички дел со галерии каде најчесто свои дела изложуваат локални уметници, а поретко европски уметници. Ја издвојувам галеријата CIRCA on Jellicoe Gallery како одличен пример за архитектонско галериско решение, и како вљубеник во неверојатните перспективи кои ги нуди, движејќи се по рампата од приземјето кон катот. Места за воодушевување има многу и за сечиј вкус, а секој кварт е приказна за себе. Ќе го издвојам квартот Rosebank, како еден од најновите квартови, кој мене ми остави најсилен впечаток.
Движејќи се низ него, имав чувство како да се движам низ кварт во европска метропола. Улиците не се прешироки, дури може да се наречат и "улички", нема многу паркинг места, објектите се смели и интересни, а цените на апартманите - солени, од еден милион евра па нагоре. Престиж е да се живее во овој дел и со право е така. Инаку, освен ексклузивно апартманско домување, постојат и други видови на домување. Богатото население живее во поелитни населби со куќи, најчесто приземни или со плус еден кат, заградени со високи ѕидани огради, кои најчесто завршуваат со ограда со електрична струја, како превенција од напади и крадци.
Средната класа живее во помали куќи, најчесто изградени во низа, без премногу претпазливи елементи за сигурност. Центарот на градот е исполнет со високи згради. Постојат и т.н гета за дел од најсиромашното црнечко население, кое живее во објекти налик и големина на стандардна гаража, најчесто без струја и вода. Овие гета се изолирани и изгледаат како да се фрлени среде пустелија, а до наредното најблиско населено место има неколку километри. Сето ова ме потсеќа дека апартхеидот и не е многу далечно минато за оваа држава, но работите се менуваат од ден за ден, а сонцето како никогаш да не престанува да грее, иако веќе е длабока есен.
Има уште многу да се раскажува, но ќе ве оставам да го ставите овој град на вашиот список на следни дестинации и нема да зажалите. Јас секако повторно ќе го ставам на мојот список, ми останаа уште многу нешта недоживеани.
подготвил: Александра Петровска (преземено од www.porta3.com.mk)