Приказна за една од најголемите модни креаторки: Го преживеала Титаник и прва дизајнирала провокативна женска облека
Сите ја знаеме приказната за Титаник - но ретко кој знае дека една од најголемите модни дизајнерки во тоа време била на бродот ноќта кога удрил во сантата мраз.
Лејди Лусил Даф Гордон, Англичанка, иноватор и деловна жена, отпатувала во Америка за бизнис - градејќи куќа во Њујорк во 1909 година и Чикаго во 1911 година, една година пред да заплови Титаник.
Таа била првата што ги отстранила тесните корсети и жичените долги здолништа и ги заменила со провокативна долна облека дизајнирана да ги ослободи жените.
Исто така, таа била првата што вовела здолништа со шлиц и ниско деколте. Лејди Лусил се смета за клучна фигура во еволуцијата на модата и облеката во 20 век.
Лусил е жената која ја дизајнирала потполно проѕирната ноќница, украсувајќи го секое парче со рачно изработени пупки од рози и кадифени машнички.
Дознала како да сече ткаенина за да создаде прекрасни женски силуети, ослободувајќи ги жените од рестриктивните корсети и мантили. Нејзината облека била доста револуционерна и скандалозна за тоа време.
Лејди Лусил е позната по нејзините романтични, женствени дизајни на нејзината облека, направена од проѕирен шифон, тантела и светкава свила во нежни комбинации на бои. Овие елементи кои го дефинираат нејзиниот стил на дизајн ѝ донесоа престижна клиентела.
Таа патувала на Титаник со нејзиниот сопруг Космо Даф Гордон и нејзината слугинка Лаура Мабел Франкатели. Сите тројца преживеале со качување на чамецот за спасување број 1, еден од последните што го напуштија Титаник.
Во својот потресен извештај за катастрофата, Лусил ја опишала страшната паника што настанала кога нејзиниот брод бил спуштен.
„Се чинеше дека сите брзаа токму кон тој чамец. Неколку од мажите кои се насобраа беа вратени назад под закана со револверот на капетанот Смит, а неколку од нив беа соборени пред да се воспостави редот. Се сеќавам дека ме турнаа кон еден од чамците и ми помогнаа да влезам“ – раскажала таа.
Во својата автобиографија, таа напишала за возбудата и гламурот на почетокот на патувањето, а потоа и за сфаќањето дека нешто тргнало наопаку.
„Како и сите други, јас бев воодушевена од убавината на бродот. Никогаш не сонував да пловам во таков луксуз. Мојата убава мала кабина, со електричен грејач и розови завеси, ме воодушеви.
Сè на овој прекрасен брод ме оставаше без зборови. Лежев во кревет околу еден час и светлата беа изгаснати кога ме разбуди чуден татнеж. Се чинеше како џиновска рака да игра куглање, тркалајќи огромни топки“.
Она што е скандалозно е што чамецот за спасување број 1, изграден за 40 луѓе, испловил со само 12 луѓе. Повеќето од нив биле екипаж.
Приказната вели дека гневните членови на екипажот протестирале поради губењето на својот имот, при што Даф Гордон на секој од нив им дал по пет фунти. Подоцна, сепак, неговата постапка била протолкувана како поткуп на екипажот да не спасува повеќе луѓе.
Оваа потресна фуснота за катастрофата на Титаник ја открила Џоана Хашаген, вработена во музејот Боус во округот Дурам во северна Англија, преку приказната за невестата - Линда Беатрис Морит, авантуристичка девојка која нарачала венчаница од Лусил, пред модната дизајнерка да тргне на судбоносното патување.
И покрај скандалот што избувна во Америка и Британија околу однесувањето на Космо Даф Гордон, Линда Морит инсистирала да го носи фустанот на Лусил на свадбата - само два месеци по катастрофата.
Таа не била единствената клиентка која ја поддржала Лејди Даф Гордон, кога се појавила во црна шапка и виолетово палто на сослушувањето за Титаник.
Лусил и нејзиниот сопруг биле ослободени и бизнисот на Лусил продолжил да цвета. Имала бутици во Чикаго и Париз и продолжила да дизајнира костими.
Мила М. | Црнобело