10 начини како најдобро да се справите со товарот кој го носите во вашата чанта
Скоро секоја жена има чанта во која може да стави буквално сѐ, од мобилен телефон, чадорче, несесер со шминки, четка за коса, книга, до шише со вода итн.
Во просек, една женска чанта тежи околу 3 килограми. Но, носењето на преголема тежина предизвикува многу големи проблеми, како на пример артритис и болки во колената.
Исто така тоа го забрзува стареењето, а влијае и со болки во вратот, грбот и рацете. Носењето на чанти влијае и врз движењето.
Иако ние не го забележуваме тоа, сепак телото драматично се прилагодува кон новонастанатата ситуација. А доколку носите високи потпетици, тоа дополнително ви ја загрозува состојбата.
Ова се 10 начини како најдобро да се справите со товарот:
Носете ранец
Ранецот најдобро ќе го растерети товарот на обете рамења. Притоа постојат многу модерни ранци кои одлично би се склопиле со вашиот аутфит. Тој е одличен избор доколку одите на шопинг бидејќи рацете ќе ви бидат слободни, а веќе купените можете веднаш да ги сместите во него.
Или пак распоредете го товарот во две торби
Доколку не можете да се одлучите за ранец или пак вашиот стајлинг не може да си го дозволи тоа, тогаш распоредете го товарот во две торби. Едната нека биде ваша класична чанта, а другата нека биде во вид на актовка. На тој начин не само што ќе делувате деловно и софистицирано, туку и ќе се си олесните сами на себе од преголемиот товар.
Доколку носите само една торба, редовно менувајте ја страната
Во случај да морате да носите само една торба, тогаш редовно менувајте ја страната со цел вашите мускули да се одморат.
Поширок ремен за подобро распоредување на товарот
Не само што тенките ремени нема да можат издржат преголема тежина, туку и ќе ве прежилуваат и ќе ви создаваат дополнителна напнатост во рамењата. Затоа одберете некој поширок ремен кој подобро ќе ја распореди тежината и ќе ви помогне да имате подобра рамнотежа и лагодност при одењето.
Носете ја дијагонално, така што подобро ќе се распореди притисокот
На овој начин не само што подобро ќе се распореди притисокот, туку и ќе имате поголема контрола врз вашата чанта. Поголема заштита од можна кражба и полесна манипулација при вадење и ставање работи како паричникот или мобилниот телефон и сл.
Ременот на кој што ви виси торбата треба да биде што е можно пократок
Во спротивно, доколку е долг ременот тогаш можно е да ви се појави отежнување при движењето и рамнотежата. Сигурно не сакате постојано да ви се удира товарот од вашите нозе или, пак, да ви се плетка меѓу нив додека одите. Исто така, повторно, со пократок ремен ќе можете полесно да вадите и ставате работи од вашата чанта.
Лаптопот секако носете го во ранец
Иако обично лаптопите ги ставаат во рачна чанта во облик на актовка, сепак најдобро е да го ставите во ранец. Покрај тоа што ќе бидете ослободени од товарот на некој начин, во исто време се заштитувате себеси од кражба бидејќи на крадците ќе им биде многу потешко да го симнат ранецот од вашите рамења отколку да ви ја грабнат чантата.
Со носењето торба обесена околу лактот нема да си нанесете помалку штета
Немојте да ја обесувате чантата околу лактот наместо на вашето раме бидејќи штетата во никој случај нема да биде помала. Вашиот бицепс ќе се измори и ќе доведе до болка во раката, а и рамнотежата е многу полоша отколку кога е обесена на рамо.
Исфрлете ги сите непотребни работи од вашата торба
Исфрлете буквално сѐ што мислите дека не ви е потребно и направете таа да биде што е можно полесна, па дури и да станува збор за ранец. Чувството на леснотија во чантата е нешто кое ќе ве направи уште посреќни и побезгрижни.
Најидеално решение е да не носите никаква чанта
Веројатно ви звучи како некоја невозможна мисија, но обидете се да ја избегнувате кога одите на пазарување во локаните супермаркети или, пак, кога одите во пократки прошетки. Понесете го само својот паричник и мобилен телефон. Доколку немате џебови, тогаш можете да си понесете мало бубреже кое ќе си го закачите околу вашиот струк. Но, ако веќе морате да понесете чанта со вас, тогаш тоа нека биде количка со долга рачка која би можеле да ја влечете.
М. П. | Црнобело