Стилот не се купува со пари: Светски ѕвезди кои изгледаат како турбофолк пејачки
Настрана успехот, талентот, кариерата, популарноста и дебелите банкарски сметки, тие немаат ни тронка вкус. Одржуваат спектакуларни концерти ширум светот, а „средени“ се како да одработуваат „тезги“ за викенд.
Некои жени се едноставно родени со стил. Изгледаат фантастично што и да облечат на себе. Притоа, не зборуваме исклучиво за славните холивудски дами, кои можат да си дозволат изобилство од скапоцени крпчиња, како и цел тим од професионалци задолжени за нивниот имиџ.
Постојат и „обични“ смртнички со извонредно око за мода и вкус што воодушевува. Баш ваквите девојки се доказ дека стилот не се купува со пари. Од друга страна, има и такви кои наспроти сето богатство, никако не можат да склопат добра комбинација. Напротив. Тие се синоним за кич, голотија и шаренила.
Ова се светските ѕвезди кои изгледаат како турбофолк пејачки:
Џесика Симпсон
Кога пред извесно време се појавија нови папарацо фотки од американската пејачка и глумица, многумина не можеа, а да не се запрашаат: „Каде ли ѝ е вкусот?!“.
Не дека Џесика Симпсон и во минатото беше некаква дефиниција за модна икона. Таа со години прави дискутабилни избори, барем кога е гардеробата во прашање. Нејзиниот нападен стил на облекување речиси секогаш се карактеризира со изразито длабоко деколте, кратко здолниште и мноштво различни дезени.
Симпсон баш сака да претера и со китењето. Од последните појавувања, како „фаворит“ се издвои свилениот фустан, кој во суштина е поразголен од ноќница. Таа го искомбинира со качкет, тркалезни обетки, темни очила за сонце, црвен кардиган, чизми над колената и чанта со димензии на кабинска торба за во авион.
И, веројатно полета кон земјата на кичот и шундот.
Мараја Кери
Џесика не е единствената ѕвезда чиј стил ќе ве остави со прашалници во главата. Мараја Кери е една од првите што ни паѓа на памет, кога и да се говори за жени со лош вкус за мода.
Имајќи го предвид ангелскиот глас што го поседува музичката дива, навистина е штета што поголемиот дел од времето, пејачката изгледа како да настапува во кафеани за викенд.
Честопати беше мета за критики поради своите комбинации, па американските медиуми не ја поштедија ниту од неласкави титули. Со години се наоѓа на листите за најлошо облечени жени во светот.
Мараја е љубителка на светки и циркони, кожа, мрежести хулахопки, блескав накит и вртоглаво високи потпетици. A, најмногу од сѐ – обожава да ги носи заедно.
Бритни Спирс
Две вистини се непобедливи. Прво, таа е неприкосновена принцеза на поп музиката. Второ, отсекогаш била катастрофално средена.
Иако цели две децении e присутна на сцената, не ѝ појде од рака да ги научи барем основните модни правила, а камоли да направи полн погодок со облеката. Сите години беше на удар од страна на критичарите, кои никако не можеа да го „сфатат“ нејзиниот стил.
Додека настапува, Бритни негува имиџ на танчарка, или, пак, стриптизерка. За приватните пригоди, се обидува да го склопи неспоивото. А, евтино изведената надоградба на косата, не ѝ помага во двата случаи. Сепак, нема кој не би се сложил дека е презгодна.
Добрата вест? Неодамна побара стручна помош од стилисти, па отсега тие ќе ѝ ги сoставуваат комбинациите за поважните настани.
Деми Ловато
Младата пејачка и некогашна дизниева ѕвезда, претставува уште една дама која во последно време шокира со невкусните модни избори.
Деми Ловато не прави разлика помеѓу гардеробата за сценски настап и појавување на црвениот тепих, па вообичаено доаѓа на настани како претходно да се симнала од бина.
И таа обожава проѕирни, светкави и пресечени парчиња облека, а ги носи со високи платформи или шпицести обувки, во комплет со јака шминка и лажен тен. Повеќепати јавно истакна дека не ѝ гајле за критиките на сметка на изгледот.
Деми е прекрасна и талентирана девојка, па во иднина очекуваме да блесне во далеку подобро светло од ова на фотките.
Кеша
Изминатиот период, американската пејачка е навистина на тешки маки со вишокот килограми.
Меѓутоа, тоа не е оправдување, а ни изговор да не внимава на модните комбинации. За волја на вистината, Кеша никогаш и немала истенчен вкус, независно од телесната тежина.
Сеедно дали се работи за папарацо фотки, или, пак, гостинка е на погламурозни случувања, таа редовно се запишува на списокот за најлошо облечени ѕвезди. Причините се и повеќе од очигледни.
Нејзиниот „колоритен“ имиџ е невозможно да се опише, бидејќи е секаков. И никаков.
М. А. | Црнобело