Од кралица на кичот до модна икона: Како сопругот ја преобрази Ким Кардашијан?
Нејзиниот стил може да се подели на две ери: пред и после Канје Вест. Откога се заедно, раперот одредува што најпознатата старлета во светот ќе носи. Прво ѝ ја исфрли пола облека од гардероберот, а откако почна и да дизајнира, таа буквално не ги соблекува неговите крпчиња.
Кога штотуку се појави на јавната сцена, нејзиниот стилски потпис беше: КИЧ.
Јаки бои, впечатливи принтови, еден куп модни додатоци, светки, циркони, блесок...
Сите овие елементи беа неизоставен дел од секој можен аутфит на Ким Кардашијан, додека таа беше позната само како асистентка на Парис Хилтон.
Со тек на времето, нејзиниот вкус малку од малку се подобри, па стана попрефинета. Се разбира, доколку се занемари неизбежното длабоко деколте.
Ким го откри гламурот, полнејќи ја гардеробата со долги и елегантни фустани.
А, тогаш пристигна Канје Вест во нејзиниот живот. Атрактивната бринета и раперот започнаа да се забавуваат во пролетта 2012 година.
Првиот потег што тој го направи, беше генерална чистка на орманот од девојка си. Драматичните моменти беа прикажани и во реалното шоу „Keeping Up With The Kardashians“, па кој го следи, сигурно се сеќава на сцената.
Канје со себе ја поведе и неговата стилистка, принудувајќи ја Ким да ги фрли сите работи од плакарот.
„Драга моја, мора да се ослободиш од сѐ!“, ѝ рече партнерот тогаш, а таа подоцна откри во неколку наврати дека со денови плачела поради тоа.
Не е тајна дека дотичниот сака да управува со својата сопруга, барем кога е облекувањето во прашање.
Во нивната врска, мажот е оној што е опседнат со модата. Сопругата, пак, претставува неговиот најдобар проект.
После интервенцијата на Канје, Ким го замени кичот со минимализам.
„Претходно сметав дека повеќе е повеќе, па секогаш истовремено носев алки, обетки и ланче. Сега разбирам дека поедноставното е многу повеќе кул.“, изјави Кардашијан во интервју за магазинот People, кога ја прашаа за промената на стилот.
Благодарение на Канје, кој и пред да стане дизајнер се движеше во дизајнерските кругови, Ким ги запозна сите најголеми фаци од модната индустрија.
Со него почна редовно да оди на ревии, како и модни недели низ светските метрополи.
За негова љубов стана и русокоса, како што и самата откри, откако по првпат ја осветли косата во 2013 година.
„На Канје многу му се допаѓам како русокоса и ме праша кога повторно ќе станам.“, призна тогаш за магазинот People, a кон крајот на минатата година, конечно и му ја исполни желбата.
Чекор по чекор, тој ја трансформираше во подвижна реклама за себеси.
Заради Канје, едно време се откажа дури и од високите потпетици, како би ги изрекламирала неговите патики Yeezy. Постојано ги носеше.
Ким го послуша и советот на сопругот да не носи веќе очила за сонце со големи рамки, којшто ѝ го испрати по електронска пошта.
„Добив мејл од Канје. Вели дека не смеам повеќе да носам големи очила! Ми испрати милион слики од очила со мали рамки.“, изјави Кардашијан во една епизода од семејното реално шоу.
Откако ги изрекламира патиките Yeezy, во 2016 година „скокна“ во проѕирните пластични чизми, исто така со потпис од брендот на Канје, а тој стил ѝ е омилен и денес.
Последните месеци, пак, не ги соблекува крпчињата од неговата најнова колекција, каде главниот збор го водат бициклистичките шорцеви, минијатурните топ маички и воглавно тесните, eластични парчиња.
Која ера на Ким ви е најмногу по вкус?
М. А. | Црнобело