Облека врз бикини: Што се носи, а што не?
Изгледајте совршено дури и кога сте на плажа или базен, со неколку модни совети и стилски предлози, што ќе ви помогнат да ја одберете идеалната комбинација за летен „морски“ стајлинг.
Иако делува како мошне лесна и логична задача, често се наоѓаме во дилема кога треба да направиме спој на облека со бикини. Што може да носите со костимот за капење, а што треба да избегнувате при комбинирањето?
Кафтанот е меѓу нештата кои дефинитивно треба да се најдат во вашата летна гардероба. Изгледа мошне елегантно и женствено, доколку се одлучите за модел кој е лелеав, ама и непроѕирен. Во него ќе се чувствувате удобно, а слободно ќе може да седнете во бар или да се прошетате до хотелот.
Понатаму, и било каков краток и опуштен фустан ќе ви биде од полза. Инвестирајте во модел кој е поголем од вашата класична величина. Бојата и дезенот се по ваш вкус и стил – секако ќе изгледате убаво во ваквиот фустан на плажа.
Ако, пак, сте љубителки на шорцевите, не мора да носите ултра-краток, туку шорц кој е доволно удобен за во него да трчате, но и да отидете до плажа. Надополнете го и со топ, доколку не сакате да бидете премногу разголени.
Ленениот шорц и памучната блуза брзо се сушат и се лесни за носење. Притоа, доволно се пристојни за во нив да седнете во блискиот ресторан на ручек.
За дамите кои нигде не поаѓаат без некаков моден додаток, најдобар предлог е комбинезон со широки ногавици. Ако веќе носите шешир и гломазни очила за сонце, зошто да не одите докрај, па да го додадете и ова парче облека за комплетен изглед?
Што да избегнувате? Првенствено, тесни фустани. Замислете само колку ќе ви биде тешко да го облечете, додека кожата ви е сè уште влажна, или, пак, кога ќе треба да го пресоблечете костимот за капење.
Избегнувајте ги и тексас шорцевите. Иако делуваат како идеално модно парче, едноставно не се погодни за на плажа.
Од материјални причини, заборавете и на скапата облека. Песокот и солта од морето може да ја уништат, затоа опуштете се и одберете нешто за што нема да ви биде жал доколку се намокри или извалка.
Во продолжение, погледнете и неколку супер предлози на оваа тема:
М. А. | Црнобело