5 трендови кои ја навестуваат новата модна есен 2016
Есента полека започнува со најава за новата модна претстава и имаме можност да ѕирнеме што се случува позади завесата.
5 жешки трендови се закануваат да ја освојат новата сезона, а големите брендови веќе се подготвуваат со полнење на полиците и закачалките.
Еве што ќе се носи оваа есен:
Блузи и кошули со вкрстено врзување
Долги, куси или ракави со должина од ¾, со материјали кои варираат од чист памук, до свила, сатен или џинс - единствено важно е ваквите блузи или кошули да имаат врвки во предниот дел.
Бомбер јакни
„Пилот“ јакните се задолжително модно парче за есенската сезона. Скоро и да нема ограничувања во материјалите и боите, а кусите јакнички одлично го надополнуваат уличниот лежерен стил, и се погодни за експериментирање дури и со високи потпетици.
Моторџиски панталони
Кожената варијанта како оригинална, не е и единствената која се признава оваа есен, кога сме на темата моторџиски панталони. Џинс верзијата на култните панталони е на повидок, како и розови, сиви и зелени варијации кога сме веќе кај бојата. Љубители на кожа и патенти, обединете се.
Разголени раменици
Температурите можеби ќе паднат за неколку степени, но не и сексапилот. Откриените раменици се одличен начин да се зачува вкусот и сеќавањата на летната сезона и се подеднакво одличен додаток на фармерки и панталони.
Бохо фустани
Што би била една модна сезона без фустани? „Бохо“ означува навистина широк поим, но очигледно нема намера да се повлече од плакарите на модните следбеници на трендови.
Веќе немаме проблем да ги распознаеме бохо фустаните, а за нив нè врзуваат неколку синоними: удобност, лежерност и лелеавост.
(О)Милена | Црнобело