Предлог идеи: Копчиња за трендовски модни додатоци
Доколку никогаш не сте им нашле примена на огромниот број копчиња кои постојано стојат во кутија, ви нудиме неколку едноставни и модерни идеи.
Најпрво распоредете ги по нијанси или пак по стилот на копчињата. Поголемите и впечатливи ставете ги на една страна, а ситните и едноставни на друга. Пробајте на секое впечатливо копче да му пронајдете соодветна комбинација со неколку ситни, едноставни.
Со нивно комбинирање, лепење и нижење ќе добиете нов накит за кој се потребни само неколку минути и малку креативност.
Испробајте големите копчиња да ги залепите на железните празни прстени кои можете да ги најдете во било која продавница за накит.
Доколку сакате богата огрлица, на тенка лента материјал нанижете 20тина копчиња, нијансирани од најсветло до најтемно или пак шарено, без никаков ред. И во двата случаи ќе имате накит кој ќе ја збогати вашата секојдневна комбинација.
За вечерните излегувања подгответе си малку поелегантен накит од копчиња. На парче материјал зашијте или залепете повеќе копчиња од кои претходно ќе направите мозаична целина. Сатенските ленти зашиени од страна на тој материјал ќе бидат делот на кој ќе се држи оваа огрлица.
Бидејќи ова е прилично лесен начин да се подновите, ви нудиме повеќе идеи од кои сме сигурни дека барем една ќе ви се допадне.