Јулија од Охрид е девојка со уникатен моден стил, инспириран од филмски ликови и стрипови
„Чорапчиња, карирани здолништа, корсети, уште во училиште имав специфичен моден стил, но и желба да докажам дека и ние ‘поинаквите’ сме успешни ученици и добри пријатели“, вели Јулија Пановска (27) од Охрид за CRNOBELO.com.
фото: Мартин Јовчески, Мартина Салова Чешновар
Јулија Пановска (27) од Охрид, со место на живеење во Скопје, e дипломиран историчар, но во моментов не работи по струка, туку е посветена на грижата за нејзината ќеркичка и го привршува магистерскиот труд на Институтот за историја на уметноста и археологија
Таа има специфичен моден стил, инспириран од филмски ликови и стрипови.
Вели дека отсекогаш се облекувала „поинаку“ од другите, oнака како што таа сака, дури и по цена да не биде прифатена.
Инспирација ѝ се Selene од „Underworld“ за кожените комбинации, Mary Jane Watson од стриповите за црвената коса и Constantine од „Hellblazer“ за тренч мантил со бела кошула.
Јулија за својот моден стил открива за CRNOBELO.com:
„Сметам дека кај мене пресудно влијание имаше стилот на моите две поголеми сестри.
Така, уште во основно почнав да преферирам потемни тонови и аксесоари како синџири и алки со нитни.
Често посетував продавници за репроматеријали и сама си изработував ланчиња и белегзии.
Очекувано, не бев многу прифатена од соучениците, а од околината бев гледана со потценување.
Веќе во средно училиште си зацртав дека облеката не смее во никој случај да ја дефинира човековата внатрешност и се борев за да ја надминам таа фрустрација – тинејџерската потреба да докажам дека и ние „поинаквите“ сме успешни ученици, добри пријатели, а подоцна и колеги.
Денес, за среќа, таквите дилеми се далеку зад мене.
Сфатив дека да се даде задоволителен одговор на прашањето „а што ќе рече околината?“ е залудно потрошена енергија зашто во крајна линија, најважно е каков човек си пред сѐ за луѓето кои ти значат и со кои го минуваш секојдневието.
Во средношколските денови главна инспирација ми беше блогерката Luanna Perez, носев високи чорапчиња и карирани здолништа.
Сѐ што купував беше од локалните продавнички, но некогаш шиев кај кројач, како викторијанскиот фустан за 18-ти роденден.
Веќе тој период ги направив и првите нарачки од Али Експрес, и тоа беше еден сосема нов свет каде речиси сите замисли беа остварливи.