Модерна класика на ревиите на трите најголеми штипски модни брендови на Shtip Fashion Days 2024
Три модни ревии на три реномирани штипски текстилни компании ја одбележаа втората вечер на Shtip Fashion Days 2024.
Во еден од старите и празни погони на поранешната фабрика за џинс „Македонка“, вчеравечер (01.10) се одржа вториот ден на Shtip Fashion Days 2024.
Вториот ден на модниот настан, чија цел е да го поттикне домашното производство и свеста за заштитата на работничките права, помина во знакот на три текстилни компании од Штип.
И овој пат посетителите, прво се прошетаа на црниот тепих, а потоа уживаа во модните ревии.
Своите најнови колекции пред публиката ги претставија компаниите „Астибо“, „Линеа“ и „Албатрос“.
Вечерта почна со ревијата на „Астибо“, компанија која е синоним за текстилната историја на Штип. Брендот претстави парчиња кои ги балансираат современите кроеви со класичното кроење.
Следни беа „Албатрос“, познати по своите креации на кошули и фустани, изработени од лесни ткаенини и чисти линии.
„Линеа“ претстави посмела колекција, со остри силуети, живописни бои и неочекувани споеви на ткаенини, но и елегантни палта и јакни кои ја споија корисноста со високата мода.
По првите две успешни вечери, трите модни денови во Штип завршуваат вечерва, со две ревии.
Првата ќе биде на студентите на Техничко технолошкиот факултет од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, а втора е ревијата на брендот „Сербез“.