Паметен фустан кој „оживува“ додека го носите и го менува дизајнот - го освои светот (видео)
Фустанот Project Primrose, на софтверската компанија Adobe, во предниот дел има вградени многу мали екрани, кои ја менуваат бојата и на тој начин го оживуваат самиот дизајн.
Софтверската компанија Adobe ја менува иднината на модата. На настанот Adobe MAX 2023, кој се одржа во Лос Анџелес, тие го претставија својот прв дигитален, интерактивен фустан кој го менува својот дизајн додека го носите.
Фустанот, насловен Project Primrose, го претстави Кристин Дирк, жената која го дизајнираше.
Таа на сцената покажа како тој се менува и нагласи дека ова е „дигитален фустан што ја оживува ткаенината“.
„За разлика од традиционалната облека, која е статична, Primrose ми дозволува да го освежам мојот изглед за миг“, кажа Дирк.
Фустанот без прерамки и до колена, во предниот дел има вградени многу мали екрани, кои ја менуваат бојата и на тој начин го оживуваат самиот фустан.
Во моментот кога Кристин „го оживеа“ фустанот, менувајќи ја бојата од крем во металик сребрена, предизвика овации меѓу луѓето во публиката. Таа потоа покажа неколку различни дизајни.
Дирк откри и дека дизајнот може да биде многу пожив, па да се менуваат слики, дури и видеа.
Промената на фустанот се активира со копче, но постои и втора опција, режим без копчиња, кој работи на база на вградени сензори.
„Модата не мора да биде статична, таа може да биде динамична, па дури и интерактивна. А ние сме возбудени за иднината која нуди многу нови начини да се изразите“, додаде Дирк, но не откри колку би чинел еден ваков фустан.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело