Филмска љубовна приказна: Биле заедно како тинејџери, по 15 години го нашла преку Фејсбук и се смириле
„Бевме вистинските во погрешно време, но едноставно си бевме судени еден на друг...“ Оливија и Там биле 3 години во врска во средно училиште, но се разделиле. Оливија стапила во брак со друг маж, но по разводот го исконтактирала Там, својата средношколска љубов – сега се неразделни и имаат детенце заедно.
Оливија Меј и Там Меј од САД се запознале на забава во ноќен клуб во 1995 година, кога таа имала само 14, а тој 16 години.
Биле заедно 3 години, сè додека Там не се преселил поради студиите на Универзитетот во Џорџија.
По разделбата тие се состанувале со други луѓе, но никогаш не се заборавиле.
Оливија стапила и во брак со друг маж, но се развела во јуни 2014 година. По разводот посакала да го пронајде Там и успеала да го исконтактира преку Фејсбук.
Почнале да си разговараат како во старите времиња, а по само 3 месеци Там одлучил од Атланта да се пресели во Калифорнија за да биде со Оливија.
Знаејќи дека станува збор за вистинска љубов, нивната љубовна врска напредувала брзо. Се свршиле во април 2015 година, се венчале во октомври 2015-та, а во јануари 2016 го добиле синот Алекс.
Оливија (40) вели: „Имавме прекрасна врска тогаш, но едноставно Там беше вистинската личност во погрешно време. Мислев многу на него, но животите ни тргнаа во различни насоки и не верував дека е можно да се сретнеме повторно по повеќе од една деценија.
По мојот развод го исконтактирав и го прашав дали сака да ѝ дадеме нова шанса на нашата љубов, а тој без размислување прифати. Не ми се веруваше, не очекував дека ќе ме прифати.
Оттогаш сме неразделни. Едноставно си бевме судени еден на друг.“
С. С. | Црнобело