Паничите кога не ви враќа на порака и уште 7 знаци дека вашата несигурност е единствениот проблем во врската
Дали сте сигурни дека партнерот ве сака и вистински уживате во заедничките мигови, но постојано се плашите дека ќе ви се налути, ќе ве остави или нешто слично? Тогаш морате да поработите на вашата несигурност.
Ако однесувањето на партнерот ве тера да мислите дека нешто не е во ред во вашата врска, тогаш треба да разговарате за тоа. Но, ако нештата во врската се одлични, а единствениот проблем се вашите неосновани грижи и сомнежи, мора да преземете нешто.
Несигурноста може да ве натера да го обвинувате партнерот за работи кои не ги направил, а ова дефинитивно ќе ја разниша довербата во врската и ќе предизвика многу проблеми во иднина.
Па, погледнете кои се 8-те знаци дека единствениот проблем во врската е вашата несигурност:
Паничите кога нема веднаш да ви врати на пораките
Дали почнувате да се грижите ако партнерот не ви врати веднаш на пораката? Тогаш оваа несигурност дефинитивно може да предизвика проблеми.
Навистина е лесно да си направите секакви црни сценарија ако партнерот не ви одговори веднаш, но со ова само си наштетувате. Партнерот не може постојано да „виси“ на телефонот и ако не ви одговори веднаш, најверојатно е зафатен или не ја видел пораката.
Следниот пат кога ќе ве надвладеат овие мисли, добро размислете дали навистина има потреба да се грижите. Ако во вашата врска постојат љубов, доверба и почит, доцниот одговор на партнерот не е никаква причина за грижа.
Намерно го правите партнерот љубоморен
Навистина е опасно намерно да го правите партнерот љубоморен и да го натерате да мисли дека некој друг може да ве освои. Со ова само ќе создадете проблеми, па дури и ќе го оттурнете партнерот од вас.
Помислете како вие би се чувствувале ако тој постојано ве прави љубоморни. Веројатно нема да го засакате повеќе, туку ќе ја изгубите довербата во него.
Го губите вашиот идентитет
Дали сте ги заборавиле вашите хобија, интереси и желби откако сте ја почнале врската со партнерот? Ова дефинитивно е знак за несигурност. Можеби ви е страв дека ако правите нешто без него, тој ќе се налути или нешто слично.
Нема ништо лошо во тоа да минувате многу време со партнерот и да уживате во заеднички активности, но и двајцата треба да одвојувате време за вашите лични интереси. Кога, пак, ќе им се посветите на личните цели, веројатно ќе изгледате уште попривлечно во очите на партнерот.
Ако го изгубите вашиот идентитет во врската, со текот на времето ни вие, ни партнерот нема да се чувствувате среќно и исполнето.
Страв ви е од несогласувања
Без разлика колку долго сте со партнерот, без разлика колкава е љубовта помеѓу вас, никогаш нема да имате исто мислење или да се согласувате за буквално сè. Ова е сосема нормално, бидејќи сите сме различни личности со различни мислења и сфаќања.
Ако ви е страв дека ќе настане конфликт, па дури и дека партнерот ќе ве напушти само бидејќи не делите мислење за нешто, мора да преземете нешто за вашата несигурност.
Ако партнерот вистински ве сака и се грижи за вас, треба да му е јасно дека вие сте своја личност и дека одвреме-навреме ќе постојат несогласувања за некои работи.
Постојано гледате што прави на социјалните мрежи
Дали постојано следите што лајкувал партнерот, каде оставил коментар или дали заследил некој на социјалните мрежи? Во иднина, ова сигурно ќе ви предизвика проблеми.
Несигурноста е причина и за ова однесување – ве тера да мислите дека партнерот ќе најде личност подобра од вас, а со демнењето на неговите профили, како да чекате да си ги потврдите сомнежите.
Ова однесување ќе ја разниша довербата во врската, па пред да почнете да донесувате заклучоци само поради еден лајк, размислете дали навистина има простор за грижа.
Целосно сте ги запоставиле вашите пријатели
Вашиот партнер не треба да ве оддалечи од пријателите со коишто се дружите со години. Нормално дека ќе минувате повеќе време со партнерот, но не ѝ дозволувајте на несигурноста да ве оддалечи од пријателите.
Партнерот сигурно нема да ви замери ако излезете на пијачка со оние кои некогаш ви биле блиски.
Убедени сте дека ве изневерува, иако нема никаков доказ за тоа
Ако постојано мислите дека партнерот ве изневерува, но буквално ништо во врската не посочува на тоа, бидете сигурни дека за овие мисли е виновна вашата несигурност.
Довербата меѓу партнерите е столб на секоја врска, па ако не можете да му верувате на партнерот, дури и кога не прави ништо погрешно, морате да промените нешто.
Опседнати сте со неговите бивши
Дали следите што прават бившите на партнерот на социјалните мрежи, го прашувате за нив, па дури и сте загрижени дека ќе се смират? Со ова само си го нарушувате мирот.
Веројатно и вие имате бивши партнери на кои сега не ни помислувате. Иста е ситуацијата и со вашиот партнер – сега тој е со вас, а неговите бивши се во минатото. Ако вашите лоши мисли и несигурноста се единствениот „доказ“ дека партнерот уште има чувства за некој поранешен партнер, најверојатно нема простор за грижа.
Спирова С. | Црнобело