За љубов се потребни двајца, не 1259 луѓе
Љубов... Тие 5 букви што живот значат. Тој е вашата сродна душа, вашиот свет. Ве сака и во вашите најлоши изданија и е причината поради која сте благодарни што сте се разбудиле ова утро.
Но дали вашата бајковита љубов ве тера постојано да споделувате заеднички фотографии на социјалните мрежи на секои пет минути? Гоооолема грешка. Следниот пат пред да се фатите за мобилниот, прочитајте што не е за пред публика.
Статуси - романи за вашите чувства
Никој не рече дека не ве бидува за пишување, но јавното изјавување љубов одамна е клише. Ваквите исповеди се нешто што треба да се искаже во четири очи, а не пред вашите 1259 пријатели на Фејсбук. Ниту ќе привлечете внимание, ниту некој ќе биде љубоморен на вашата љубов. Вистинските врски ќе опстојат и без секојдневно објавување на фотографии.
Приватни пораки
СМС или chat, неважно, никого не го интересираат вашите преписки. Поштедете ги пријателите од принт скринови со шифрирани разговори, и што е многу важно, не заборавајте дека тоа што партнерот ви го напишал во пораките било за вас, а не и за вашата тетка од Австралија. Некои работи се приватни и треба да останат такви.
Вашите проблеми
Ако имате одреден проблем во врската, пронајдете го решението преку разговор. Објавена слика од валкана облека на подот не е начин да го натерате партнерот да ја става облеката во корпа наменета за тоа. Уште помалку е начин да убедите некого дека сте во право. Ваквите постапки се детски и бесмислени, и најверојатно ќе создадат уште поголем проблем. Ниту една врска не е совршена; ако нешто ви пречи разговарајте со партнерот, не го омаловажувајте пред сите.
Безброј албуми со заеднички фотографии
Да не речете дека претеруваме, убаво е кога човек ќе налета на фотографија од двајца кои искрено се сакаат. По некоја слика од време навреме никому не штети, но за доброто на сите, не го оптоварувајте времепловот со речиси исти фотографии и здодевни љубовни цитати. Луѓето не се заинтерсирани за деталите од вашата врска, па почитувајте го тоа, а притоа почитувајте се и себеси.
Селфи во кревет
Ова е тоа што ја прелева чашата. Размислете кој се е на вашата листа на пријатели и следбеници. Тука сигурно спаѓаат колегите, можеби шефот, вашите родители, роднини... Дали навистина сакате сите овие луѓе да знаат како изгледате после секс?
Заљубени сте и тоа е супер; вашите пријатели несомнено се радуваат за вас. Но, размислете два пати за тоа што објавувате – за врска се потребни двајца, не 1259 луѓе.
А. Ш | Црнобело