„Може да се забремени ако...“ - Митови за сексот во кои младите, па и некои возрасни, сè уште веруваат
Недостатокот на сексуално образование, како и табуизирањето на самиот чин, остава многу луѓе неинформирани или со погрешни сфаќања за сексот.
Но, неинформираноста и незнаењето не ги спречуваат младите луѓе да се впуштаат во сексуални односи и цело време да бидат во некаква паника дека нешто не прават како што треба или дека можеби настанала несакана бременост, иако за тоа немало услови.
Прочитајте кои се најчестите митови во кои сè уште се верува:
1. Сите оние: Може да се забремени ако...
Да разјасниме, секогаш кога ејакулацијата се случува внатре во вагината, постои голема можност за забременување.
Така, не може да се забремени од ејакулат во базен, ниту преку орален секс, а уште помалку ако партнерот ејакулира во ваша близина. Бременоста од предсемената течност е можна, но е многу ретка.
Но, сосема може да се забремени доколку имате секс во када, бидејќи спротивно на митот, топлата вода не ја неутрализира спермата. Може да се забремени и на првиот секс и за време на месечниот циклус, а доколку партнерот ејакулирал внатре, тогаш не помагаат ниту стоењето, ниту скокањето во место, ниту туширањето веднаш по сексот.
2. Не постои машка контрацепција
Во смисла на пилула или друг вид фармацевтски препарат, да, не постои, иако се истражува можноста и за тоа. Сепак, постои нешто што во голем процент штити од несакана бременост и сексуално преносливи зарази и тоа е кондомот.
3. Кондомите не се ефективни
Како што е наведено и на секое пакување, кондомите не нудат 100% заштита, но и 98% е добар процент за да можете да им верувате. Кога кондомот е правилно наместен, ризикот за негово пукање и кинење е намален. Потребно е да се избере големината соодветно на половиот орган, како и брендот на кој му верувате.
Запомнете: Еден кондом е една употреба и два кондома нема двојно да ве заштитат.
4. Хормоналните пилули се лоши за вас
Ова всушност е индивидуално, бидејќи одредена терапија може да предизвика вишок килограми, болки во градите, мачнини, подуеност и слични симптоми.
Поради тоа, никако не смеете да ги земате на своја рака, туку исклучиво во консултација со гинеколог.
5. Мажите и жените го доживуваат „врвот“ на различни возрасти
Не постои одредена биолошка возраст на која мажите или жените да доживеат најдобар секс, туку тоа е индивидуално и зависи од многу фактори.
Митот вели дека врвот на сексуалното задоволство се случува кога има најголем „проток“ на хормони во телото. Сепак, ова не е точно бидејќи протокот на хормони е различен во секоја возрасна етапа, но тоа не е причина за зголемено или намалено сексуално уживање.
Е. Д. | Црнобело