10 токсични навики во врските за кои сметаме дека се нормални
Секоја врска е приказна сама за себе, но сепак нејзиниот исход најмногу зависи од карактерите на двајцата партнери.
Дали имате лоши навики за кои сметате дека се сосема нормални, а се всушност токсични и полека ви ја задушуваат секоја љубовна врска во животот?
Внимателно прочитајте ги следните 10 навики и бидете искрени во колку од нив се пронајдовте себеси или партнерот:
Постојано сте заедно
Не можете да поминете ниту една минута одвоени. Тој е целиот ваш свет, а вие сте неговата принцеза. Секако, да се поминува време со партнерот е прекрасно и важно, но не и да бидете сраснати со папочна врвка.
Покрај заедничкиот, не заборавајте дека имате и сопствен, личен живот на кој треба да му се посветите, бидејќи сте самостојни и доволно зрели да знаете подобро отколку да сте залепени до некого 24/7.
„Памти, па врати“
Народната „чиста сметка – долга љубов“ секако не важи кога се работи за љубовните врски. Ако сте од оние кои ги паметат сите мали кавги и навреди и одвај чекате да го возвратите ударот при првата следна прилика, не сте доволни зрели за она што се нарекува љубов.
Едноставно е – простете и заборавете, и вам ќе ви биде простено, бидејќи секој греши, но само паметните не држат лутина и горчина во себе со желба да го израмнат резултатот.
Подароци, наместо извинување
Подароците се секогаш убава идеја, но доколку ги разменувате само после поголемите кавги, нешто навистина не е во ред. Караниците се поправаат со зборови и дела, не со материјални нешта.
Во спротивно, сите подароци од партнерот ќе ве потсетуваат на кавгите коишто сте ги имате и утешните награди кои сте ги примиле, наместо искрено извинување. На крајот ќе дојдете до точката на мразење подароци. Или него/неа.
Носење претпоставки без докази
Читате премногу меѓу редови, ве фаќа паника кога партнерот ви враќа отсечно и кусо на пораките. Што прави? Дали е со некој/а друг/а?
Модерното време нè направи несигурни и параноични, особено кога технологијата ја има третата главна улога во љубовните врски.
Затоа, не носете предвреме заклучоци и не претпоставувајте додека не седнете и отворено не разговарате што точно се случува во врската и низ какви премрежја поминува партнерот.
Достапност 24/7
На почетокот делува интересно, дури и слатко тоа постојано допишување, слушање по телефон и гледање. Но, оваа навика е прилично лоша и за кусо време може да ве трансформира од самостојна во целосно зависна личност.
Каде е магијата кога некој ви е постојано на дофат, кога се слушате на секои 5 минути и си пишувате реферати по цели денови? Одморете малку еден од друг, има свет и живот и надвор од љубовниот балон.
„Што на ум–тоа на друм“
Некои работи е добро да се премолчат. Не мора партнерот да ги знае апсолутно сите ваши тајни, желби, планови или стравови.
Секако, искреноста е особено важна во секоја врска, но постојат одредени нешта кои не треба да се споделуваат. Нема потреба секоја важна и неважна мисла која ќе ви падне на ум неконтролирано да ја избрборите пред партнерот.
Менување на карактерот поради партнерот
Секако, мора да постојат компромиси и промени со цел врската да биде успешна, поздрава и подобра, но да се смените целосно само поради партнерот е прилично лудо.
Менување само заради партнерот е рецепт за катастрофа. Доколку некој бара да се смените во име на љубовта, а вие се чувствувате неудобно и лошо поради ваквите одлуки, знајте дека не е љубов.
Преземање одговорност за среќата на партнерот или кога вашата среќа зависи од него
Убаво е да се биде среќен со партнерот, но не смеете да дозволите вашата среќа да зависи целосно од него. Вие сте пред сè свој човек, имате свој живот, интереси и пријатели и потребно е прво да бидете среќни и задоволни сами со и од себе, а потоа да очекувате некој друг да ја надополни вашата совршена целина.
Воедно, не смеете да се обвинувате доколку партнерот не е среќен и да мислите дека вие сте виновни за неговата мизерија. Постојат работи кои зависат и од вас, но на крајот од денот секој сам е лично одговорен за сопствениот живот.
„Слатка“ љубомора
Љубомората е природна работа и може да им се случи и на најцврстите карактери. Сепак, не избувнувајте доколку немате реална потреба од истата.
Поголемиот дел од луѓето ја практикуваат со цел да внесат малку возбуда, адреналин и драма во врската.
Пронајдете други начини како да ја „зачините“ љубовта, наместо со беспотребни љубоморни испади. Не постои такво нешто како слатка, невина љубомора, сите вакви испади водат кон кавги и незадоволство.
„Не одете во кревет лути“
Звучи како добра теорија, но ретко успева во пракса. По долгиот напорен ден и исцрпувачката кавга потребно ви е малку време да се стабилизирате, наместо да го дебатирате истото кое штотуку сте го поминале, само за да не заспиете лути еден на друг во креветот.
Не мора по секоја цена (особено по цената на добриот сон) да ги решите сите проблеми во еден ден и една вечер.
Утрото е помудро од вечерта, па најдобро е да ѝ дадете тајмаут на кавгата и да одморите, а проблемите да ги решавате со ладна глава и одморен ум.
(О)Милена | Црнобело