Најубавата љубовна приказна
Во ова модерно време преполно со цинизам и корист, ретко среќаваме љубовни приказни кои може да нè наежат до солзи.
И таман кога помисливме дека романтичните комедии и драми толку многу нè разгалија што нема да бидеме способни никогаш да ја најдеме личноста која ја замислуваме, во пресрет на Денот на вљубените објавена е оваа љубовна приказна која досега не успеал ниту најдобриот холивудски режисер да ја смисли.
Имено, на твитер пред извесно време се појави слика од приказна во списание која ја напишала една читателка. Станува збор за 68 годишната Сју Џонсон од Хјустон на чија животна приказна нема да останете рамнодушни.
„Мојот драг сопруг Џон и јас бевме во брак 46 години. Секој Ден на вљубените тој ми праќаше букет од најубавите цветови со кој заедно стигнуваше и една едноставна порака, од пет едноставни зборови: Мојата љубов за тебе расте. Четири деца, 46 букети и живот преполн љубов беа неговото наследство кое го остави во моментот кога почина.
На првиот Ден за вљубените кои го поминав сама, 10 месеци откако го изгубив, бев шокирана кога ми пристигна прекрасен букет... од Џон. Лута и со скршено срце се јавив во цвеќарата и им објаснив дека настанала некоја грешка. Тие внимателно ми објаснија: Не, госпоѓо. Не се работи за грешка. Пред да почине вашиот сопруг плати за многу наредни години и ни замоли да му ветиме дека ќе добивате по еден букет на овој ден до крајот на животот. Со грутка во грлото ја затворив слушалката и ја прочитав пораката која беше закачена на букетот: Мојата љубов за тебе е вечна!“