Што ви ја нарушува продуктивноста на работното место?
Професионализмот е најважен во работата која ја извршувате. Посветеноста мора да е на високо ниво доколку сакате да напредувате.
Меѓутоа, тоа не е ниту малку лесна задача кога сте опкружени со милион ситници под чие влијание потпаѓате и несвесно ја нарушувате вашата продуктивност.
Еве што да избегнете на работното место уште утре.
Престанете да посегнувате по грицки
Освен ако по професија не сте готвач, на работа во одреден момент ќе почувствувате глад. Секако, паузата за оброк и краток одмор е нешто задолжително, но голем број на вработени имаат лоша навика да не земаат пауза и паралелно со работата да грицкаат чипсови или чоколадо. На тој начин нема да ја заситите гладта, постојано ќе чувствувате непополнета празнина, а сепак вашето внимание на секоја минута ќе биде одвлечено. Ако веќе морате да грицнете нешто одбирајте здрави плодови како што се бадемите, боровинките или лешниците кои се добри за вашето здравје, линија, а и нерви.
Изгасете го разговорот со најблиската пријателка
Пораката од пријателите може да ви го разубави денот, но постојаното допишување негативно влијае на вашата работна задача. Не секогаш мора да одговорите на пораките во истиот момент штом ви пристигне. Со добрите пријатели практикувајте да се слушате на пауза, исклучиво преку мобилен, а останатите разговори оставете ги за по работното време.
Решете ги проблемите во врската
Љубовните проблеми се сосема нормална појава, но сепак нивното влијание е доста негативно и врз вашата кариера. Во ситуациите кога постојано размислувате, а не можете да го пронајдете решението вашите главоболки се зголемуваат, а продуктивноста се намалува. Сепак, ако сте во добри односи со колегите, за време на кратката пауза посветете неколку минути за разговор на таа тема. Искрениот разговор е секогаш најдобар лек.
Одложете го размислувањето за годишниот одмор
Заморот од работа и убавото време кое ве очекува надвор од канцеларијата често пати се најголемата пречка. Не морате баш секоја минута да ја поминете сонувајќи за совршениот летен одмор, бидејќи така ќе ви се чини сè подалеку. Одморот е неопходен, па затоа сфатете го како мотивација, а не како пречка. Изработете ги задачите брзо и квалитетно и уживајте во заслужените слободни денови.