Споделуваме искуства - на АИЕСЕК пракса во Украина
Нема ништо повредно од животот од собраните искуства. Во прилог е едно животно искуство на Кристијан, кој имаше можност да работи на проект во Украина преку АИЕСЕК Македонија.
…Летото 2012 година ќе остане во моите сеќавања засекогаш. Исполнето со патувања, изненадувања, нови култури и луѓе, толку многу искуства за кои можам да зборувам... Ја имав можноста да бидам дел од волонтерски проект во Одесса, Украина и за тие 45 дена добив целосно нови погледи кон светот.
Овие искуства ги делам заедно со две прекрасни девојки: Сања Петрушевска и Викторија Станојкова со кои заедно аплициравме и заедно ги поминавме овие незаборавни моменти. Од моментот кога тргнавме на пат кон Украина се до моментот кога се вративме ние живеевме “надвор од кутијата” и едноставно не постоеше нешто што ќе го наруши нашето расположение.
Проектот од кој бевме дел се состоеше од одржување предавања и интерактивни часови на ученици од 8 до 17 години по Англиски јазик. Организиравме безброј игри, часови за дебатирање и дискутирање и секако многу забави.
Кога станува збор за забавување, на истиот проект волонтираа уште 20 други практиканти дојдени од целиот свет: Индија, Кина, Кореа, Пакистан, Туција, Тунис, Англија, Мексико, Полска, Словенија, Чешка, Србија и секако ние од Македонија.
По завршување на проектот патувавме од најјужните точки на државата (Одесса и Крим) до северно-источниот дел градот Харков.
Градот Одесса изобилува со големи и масивни градби, а посебна убавина придава и Црното Море на кое тој излегува. Рајот во Украина се наоѓа на полуостровот Крим на кој поминавме 4 дена и максимално ги искористивме. Природната убавина и заливите на овој полуостров би ги препорачал секому. Харков пак, е поранешен главен град кој брои популација скоро колку нашата држава и е познат како “Студентски град” по големиот број универзитети и студенти. Ние успеавме да го запознаеме за помалку од 24 часа а го посетивме најголемиот плоштад во Европа, големиот забавен парк, стадионот Металист изграден специјално за ЕУРО 2012 и уште многу други знаменитости
Лудориите низ кои поминав и работите кои ги научив се должат на најголемата студентска организација во светот – АИЕСЕК. На сите студенти, топло и од се срце им препорачувам да не пропуштат ваква шанса бидејќи нема ништо подобро од запознавањето на самиот себе, а праксата преку АИЕСЕК е токму тоа.