15-годишен коњ им дава поддршка на смртно болните пациенти во француска болница, во последните мигови од животот (фото+видео)
Пејо е 15-годишен коњ кој „работи“ во болницата Calais во Франција, а неговата задача е да ги утешува и расположува пациентите кои ја губат битката со ракот, во последните денови од нивните животи.
Во многу болници ширум светот има мачки и кучиња кои им прават друштво на смртно болните пациенти и им го разубавуваат секојдневието. Но сигурно не сте ни помислиле дека оваа работа би можел да ја „работи“ и коњ.
Во болницата Calais во Франција се случува токму тоа – 15-годишниот Пејо ги посетува смртно болните пациенти со рак, и се обидува да им го разубави денот.
Хасен Бушакур е мажот кој го одгледал Пејо и најпрво го тренирал за шоуа со коњи. Но, набрзо сфатил дека Пејо има и друг талент. Имено, по секое шоу, Пејо ѝ се приближувал на публиката и сакал да стои до присутните луѓе. Набрзо Хасен забележал дека Пејо најчесто застанува до луѓе со психички и физички проблеми.
Тогаш Хасен, кој бил професионален тренер на коњи, решил да се откаже од кариерата, целосно да му се посвети на Пејо и да му помогне да го искористи својот талент.
Во 2016 година Хасен и неговиот коњ почнале да ги посетуваат пациентите на интензивна нега во болницата Calais еднаш неделно. Според Хасен, Пејо можел да почувствува на кој пациент му треба неговото друштво, а го покажувал тоа застанувајќи со една крената нога пред вратата од болничката соба.
„Ми стана јасно дека јас повеќе не сум главниот и дека кога Пејо ќе почувствува дека му треба некому, јас немам никаква контрола. Кога Пејо ќе одлучи, не можам да го задржам, тој мора да влезе во собата и да стои до личноста што ја одбрал“, открива Хасен.
Бидејќи сепак посетуваат болници, подготовката на Пејо трае околу два часа. Пред да влезат внатре, Хасан темелно го чисти и „дезинфицира“ коњот, а наводно го научил и да му кажува кога треба да оди во тоалет. Во овие мигови, Пејо и Хасан излегуваат од болницата, па коњот не прави никаков неред.
Како што вели Хасан, Пејо им дава трошка радост на пациентите кои ги живеат последните денови од нивниот живот. Истовремено, Хасан тврди дека кога Пејо е присутен во болничката соба, неретко пациентите се толку среќни, што дури им се намалува и физичката болка.
Досега Пејо им правел друштво на над 1.000 пациенти во последните мигови од нивните животи, а Хасан вели дека ќе продолжат со нивната мисија.