Јавање слон, пливање со делфини – Туристички атракции и активности кои се сурови кон животните
Нормално е да се израдувате кога ќе видите мајмун што танцува, делфини што изведуваат спектакуларно шоу или слон кој можете да го јавате.
Но, речиси секогаш, ваквите туристички активности им нанесуваат огромна штета на животните.
Малиот простор, лошата исхрана и малтретирањето се само некои од проблемите со кои се соочуваат животните на овие „работни места“.
Следниот пат кога ќе налетате на ваква понуда, земете ги предвид следните работи:
Шоу со делфини
Аквариумите со делфини изгледаат навистина забавно, но малкумина знаат за суровоста што се одвива зад овие шоуа.
Најпрво, делфините се ловат и се одделуваат од нивното семејство. Додека се транспортираат, животните се изложени на огромен стрес и голем дел не го преживуваат ни патувањето.
Оние кои сепак ќе преживеат, ќе го поминат животот во мал базен учејќи трикови – нешто сосема поразлично од нивното природно опкружување.
Доколку делфините треба да изведуваат на друго место, ги транспортираат како најобичен багаж.
Јавање слонови
Јавањето слонови во Тајланд можеби е желба на многу луѓе, а сите што го искусиле тоа се воодушевени од смиреноста на животите.
Но, слоновите се толку мирни бидејќи се „скршени“.
Малите слончиња се оттргнуваат од нивните мајки и потоа се присилени да го поминат суровиот тренинг. Слоновите се удирани, постојано се во синџири и добиваат малку храна и вода.
Притоа, не им дозволуваат да „се дружат“ со другите слонови и сето ова има ужасно влијание врз нивната психа. На крај, слонот се откажува од желбата за слобода и само ги следи наредбите.
Паркови со мечки
Во дивината, мечките преферираат да живеат сами. Но, во парковите за мечки тие се чуваат во „дупки“ и кафези, во кои секогаш има барем 3 мечки.
Уште полошо е што на некои места мечките ги облекуваат со разни костими и ги тераат да изведуваат за посетителите. Ова ги изложува животните на многу стрес.
Мајмуни што танцуваат
Денес можете да најдете човек со „припитомен“ мајмун на секоја популарна летна дестинација.
Но за мајмуните да бидат мирни и да научат да танцуваат, минуваат низ многу суров тренинг.
Кога ќе заврши работниот ден на мајмунот, тој е пикнат во мал кафез и треба да чека таму до следната изведба.
„Шармирање“ змии
Оваа древна атракција привлекува луѓе на секоја возраст.
Навистина изгледа неверојатно кога „шармирачот“ почнува да свири, а змијата полека ја крева својата глава.
Но, овие кобри се фатени во дивината и им се извадени забите. Им се блокираат и отровните жлезди за да ги направат безопасни. Овие процедури можат да предизвикаат разни инфекции, па дури и смрт.