Слоновите не сакаат да носат луѓе на грб – Зошто треба да заборавите на оваа туристичка атракција?
За многу туристи во азиските земји „јавањето“ на слон е главна туристичка атракција, но сте помислиле ли низ што поминуваат овие кутри животни за вашите кул фотки?
Иако многумина го гледаат како романтично и забавно искуство, да се движат на слон додека уживаат во природните убавини околу нив и прават стотици кул фотки, сепак, оваа туристичка атракција не е толку совршена.
На слонот не му е сеедно што ве носи на грб и шета, додека вие уживате, а локалните бизниси се полнат со пари.
Веројатно не сте ги знаеле следниве факти:
1. Азиските слонови се загрозен вид, а туризмот и активностите поврзани со нив само придонесуваат за нивно намалување.
2. „Затворениците на забавата“ се 6-месечни слонови украдени од мајките во дивината со помош на замки, а мајките кои се обидуваат да ги заштитат слончињата, најчесто се убиваат.
3. За да ги направат слоновите послушни и да ги шетаат туристите на грб, тие се подложни на монструозен ритуал – ги затвораат во кафези, имаат физички казни и ги изгладнуваат, а ако сакаат да го избегнат тоа, мораат да прифатат и да слушаат команди.
4. И покрај тоа што изгледаат големо и силно, грбот на слоновите не е толку јак за транспортирање многу луѓе, па со тек на време добиваат повреди на ‘рбетот. Седлата пак кои ги поставуваат за транспорт им создаваат рани и инфекции.
5. Константната тортура на слоновите некогаш може да доведе до тоа слонот да нападне луѓе, а овие инциденти завршуваат трагично. И секако, не се животните виновни – едноставно, предолго биле малтретирани и бараат начин за спас.
6. Иако мислите дека во меѓувреме тие живеат во дивината или прекрасните шуми, кога нема туристи, ги чуваат во мали кафези со бетонски подови, врзани со синџири...
7. На слоновите не им е овозможена добра и правилна исхрана, ниту пак ветеринарска нега. Многу од нив не можат да го толерираат постојаниот замор и заради заболувања умираат порано од нивните слободни роднини.
M. M. | Црнобело