Зошто да изберете да вдомите возрасно куче, наместо мало?
Пред сè, изборот за тоа какво милениче ќе чувате е само ваш и вие најдобро знаете какви ви се условите во домот. Но, постојат причини зошто да дадете шанса на возрасно куче.
Стационарите се преполни со миленици кои поради одредени причини се напуштени. Можеби прва мисла е дека со повозрасно куче ќе имате поголеми ветеринарни трошоци, а помалку заедничко време, но никој не гарантира дека нема тоа да се случи и со мало.
Ако сè уште размислувате, ова се неколку причини поради кои би било добро да вдомите возрасно куче:
Нема многу изненадувања
Возрасните кучиња веќе имаат хигиенски навики и нема да имате потреба да ги учите. Исто така, во стационарот можат добро да ви објаснат за секое куче, бидејќи веќе и тие ги знаат.
Имаат воспоставени навики за спиење
Веројатно најголемиот дел од возрасните кучиња спијат ноќе, кога спијат и нивните сопственици. Од таа страна, нема да имате потреба да го нарушувате сонот, за да му излезете во пресрет на вашето милениче.
Го прескокнувате периодот на менување млечни заби
Возрасното куче ја нема инстинктивната потреба да гризе сè што ќе му се најде на патот, додека со малите ќе треба да се погрижите тоа да не бидат вашите обувки.
Сите кучиња заслужуваат дом
Без разлика зошто е напуштено, секое куче заслужува дом. Затоа треба добро да се информирате дали страда од некоја болест или има проблеми со однесувањето и врз основа на тоа да процените дали сте во состојба да се грижите за него.
Спасувате недолжен живот
Сурова вистина е дека дел од напуштените кучиња се успиваат или се враќаат на улица. Со вашата одлука да вдомите возрасно куче, вие во вашите раце држите спас за најмалку еден недолжен живот.
Генерално, трошоците се пониски
Ако кучето веќе е стерилизирано и ги има примено првите вакцини и потребните терапии, вие треба да продолжите само со редовни контроли кај ветеринар и да им обезбедите храна.
Многу, многу љубов
Спасените кучиња знаат да покажат безгранична љубов и лојалност. Вие им го давате домот што го заслужуваат, а тие ќе ве сакаат до последниот ден.
Е. Д. | Црнобело