Не ги прејадуваат и не им даваат од нивната храна: 7 работи кои добри сопственици на куче никогаш не ги прават
Оние кои никогаш немале милениче можеби се скептични, но оние кои пораснале со нив, знаат која е вредноста да се има едно или повеќе животинчиња во домот.
Посебно, кога станува збор за куче, чувањето, дресирањето и неговото друштво претставуваат посебно задоволство за сопствениците.
Секако, тие си носат и голема одговорност, а очекувано е и да се направат некои грешки, заради недоволна запознаеност на сопствениците или одбивање одредени работи кои се всушност важни.
Па ако сакате да се подобрите или пак, првпат вдомувате куче, погледнете кои работи добар сопственик никогаш не ги прави:
Не одбиваат одржување хигиена на забите на кучето
Многу луѓе одбиваат да им ги четкаат забите на кучето, бидејќи најчесто милениците се противат на тоа, но не се откажувајте бидејќи тоа може да доведе до сериозен проблем.
Препорачливо е забите на кучето да се четкаат барем 3 пати неделно.
Не ги оставаат постојано врзани надвор
Иако некои големи кучиња не е добро да се чуваат внатре и препорачливо е да се остават во двор, сепак не е добро постојано да бидат врзани за ланец.
Оние кои се постојано врзани на ланец може да станат поагресивни и да се оддалечат од сопствениците.
Оставајте го кучето понекогаш надвор, но врзувајте го само кога тоа е неопходно за негова безбедност, а не постојано.
Не ги оставаат во автомобил
Независно дали вие сметате дека не е толку топло и страшно за да ги оставите да ве почекаат во автомобил, сепак кучињата многу повеќе чувствуваат топлина за разлика од луѓето, а тоа може да им предизвика сериозни здравствени проблеми, колку и да ви изгледа невозможно.
Затоа, доколку сте некаде со кучето и имате потреба да излезете накратко од автомобилот, земете го него со вас, или воопшто не го изнесувајте од дома ако знаете дека имате друга работа.
Не ги пропуштаат редовните прегледи на ветеринар
Дури и ако кучето ви изгледа сосема здраво и се однесува нормално, сепак не треба да избегнувате да го носите на редовен преглед барем на 6 месеци.
Ветеринарите може да детектираат симптоми кои вие не ги забележувате, а во случај да забележите промени во апетитот на кучето, отежнато дишење или промени во навиките за пиење вода и слични промени, веднаш однесете го на ветеринар.
Никогаш не ги прејадуваат
Дури и ако не може да одолеете на погледот на кучето кога ве гледа како јадете и бара храна, ќе мора да научите, бидејќи треба да внимавате на тежината на кучето заради неговото здравје.
Освен што не е здраво да ги прејадувате, исто така треба да се грижите и за тоа да не биде „улежано“, па не заборавајте да го носите на редовни прошетки.
Не ги тепаат
Независно дали е дресура, неред, непослушност или какво и да ви е оправдувањето за тепање на куче – тоа никогаш не е дозволено.
Тепањето, независно во која мера, може да предизвика трауми кај кучето, страв и правење погрешни работи, а докажано е и дека тие реагираат подобро на позитивно однесување.
Секогаш наградувајте го нивното добро однесување, наместо да го казнувате за некои лоши дела со тепање.
Не ја споделуваат сопствената храна со кучето
Иако ви изгледа дека е тажно да не им дадете од вашата храна која ја гледаат или пак, мислите дека ништо не може да им наштети, сепак треба да внимавате на нивната исхрана и да не им го ставате здравјето во ризик.
За нивно добро, давајте им само храна специјална за кучиња и избегнувајте храна како грозје, чоколадо, кромид, пченка, сирење и тесто кои може да бидат дури и смртоносни за кучето.
М. М. | Црнобело