Пингвин секоја година препливува 8.000 километри за да го посети човекот кој му дал втора шанса за живот
71-годишниот пензионер Жоао Переира живее во малечко село во близина на Рио де Жанеиро, каде во 2011-та година на плажите открил речиси мртов пингвин покриен во нафта.
Беспомошното животинче било прегладнето и покриено со отпад од водата, па големото срце на Жоао не му дозволило да го остави да умре.
Тој го земал со себе, го вдомил и му го вратил здравјето, сакајќи го како сопствено дете.
На пингвинот Диндим му биле потребни неколку недели само за да си го врати природниот изглед на пердувите, а потоа уште 8 месеци за целосно да заздрави пред да се врати на нормалниот живот.
Пријателите се разделиле на истата плажа каде се сретнале, а Жоао не очекувал дека пингвинот ќе му се заблагодари така што секоја година ќе се враќа за да го посети.
„Никој друг не смее да го допре кога ќе преплива и кога ќе излезе од водата. Седи само во мојот скут, ми дозволува да го избањам, да му дадам по некоја сардина, па дури и да го кренам во раце. Обично пристигнува во јуни секоја година и си заминува дома дури во февруари, така што повеќе од половина година сме заедно. И забележувам дека секоја година е сè посреќен.“
М. Д. | Црнобело