7 работи за кои нè караа нашите баби – што е навистина така, а што мит?
„Ако излезете со мокра коса, ќе настинете“ - Настинките се предизвикани од вирус, што значи не можете да настинете ако излезете надвор со мокра коса. Кои други верувања од нашите баби се лага?
Во минатото повеќето луѓе немале како да проверат дали некое верување е вистина или лага, освен можеби со разговор со личност која е експерт во некоја област.
Денес интернетот го промени ова, па лесно можеме да ја провериме секоја информација што ќе ја слушнеме.
Кои митови што ги слушавме во детството се вистина, а кои лага?
Мит 1: Морковите го подобруваат видот
Колку пати во детството ве убедувале да јадете моркови со ова верување? Овој мит е делумно вистина.
Според Scientific American, на телото му треба бета-каротенот од морковите за да произведе витамин А. Овој витамин, пак, помага во претворањето на светлината што ја примаме со очите во сигнал што може да се испрати до мозокот.
Всушност, ако во телото има недостаток од витамин А, може да настане и слепило.
Што значи, за подобар вид, подобро е да се фокусирате на храна богата со овој витамин.
Мит 2: Ако голтнете семка од лубеница, ќе ви порасне во стомакот
Кај малите деца секогаш постои ризик да се задават од поголеми семки, како оние од лубеница. Па, веројатно затоа родителите го измислиле овој мит.
Многу полесно е да ги исплашат децата, отколку да им објаснуваат зошто не треба да ги голтаат семките.
Оние кои имаат растенија или градина добро знаат дека за една семка да изрти, потребни се посебни услови кои дефинитивно ги нема во нашиот стомак.
Па, слободно јадете ги и семките од лубеницата.
Мит 3: Ако излезете со мокра коса, ќе настинете
Најпрво треба да ви биде јасно дека настинките се предизвикани од над 200 вируси, од кои најчести причинители се риновирусите.
А, нема како да се заразите со вирус на настинка преку мокра коса.
И другите заболувања кои се честа појава во зимските месеци се предизвикани од вируси или бактерии.
Ако излезете со мокра коса на студено време, веројатно ќе ви биде ладно и нема да се чувствувате пријатно, но сигурно нема да настинете.
Мит 4: Не смеете да влегувате во вода 2 часа по јадење
Уште еден совет што редовно го слушавме за време на летните одмори.
Слободно можете да влезете во базен или море и веднаш откако сте јаделе. Единствено не е препорачливо да пливате.
Како и за секоја физичка активност, добро е да почекате од 30 до 60 минути за дел од храната да се свари. Во спротивно може да се појават грчеви во стомакот.
Сепак, некои луѓе немаат проблем да пливаат и веднаш по јадење, па ако и вие спаѓате овде, нема потреба да чекате.