Човечките зоолошки градини со робови биле начин на забава - мизерни услови за живот, малтретирање
Човечките зоолошки биле мошне популарни во 19-тиот, па и 20-тиот век кај Европјаните, а поробените луѓе кои биле експонати живееле во мизерни услови, морале да изведуваат ритуали за посетителите и немале ни приватност, ни достоинство.
Дали би отишле во зоолошка градина во која има живи луѓе изложени како експонати? Веројатно би помислиле дека ова е навистина сурово кон изложените луѓе, но ваквите „човечки зоолошки“ навистина постоеле, и тоа во не толку дамнешно минато.
Човечките зоолошки биле најпопуларни во 19-тиот и 20-тиот век. Овде биле изложувани луѓе, најчесто од африкански племиња, а најбизарно е што привлекувале илјадници посетители.
Филипинци во зоолошка во Њујорк на почетокот од 20-тиот век
Овој период, Европјаните и доселениците во американските колонии биле многу заинтересирани за животот на луѓето кои живееле во племиња и кои ги сметале за „дивјаци“.
Па, оние кои тргувале со робови и животни почнале да носат домородци од Африка, Азија и Америка и да ги затвораат во зоолошки градини за луѓе.
Девојче од Африка во зоолошка во Брисел
Зоолошките за луѓе почнале да се прославуваат во 1870-тите, и ги имало во некои од најголемите европски градови, како Парис, Хамбург и Лондон. Човечки зоолошки имало и во американски градови како Њујорк и Чикаго.
Еден од главните виновници за човечките зоолошки е Карл Хагенбек – Германец кој тргувал со животни. Во 1874 година тој решил да направи експонат со Лапонци (познати и како Сами) – народ кој претежно живее во Норвешка, Шведска и Финска.
Она што ја направило неговата идеја популарна е тоа што тој се обидел да ја копира „природна околина“ на народот во нивниот кафез – исто како за животните во зоолошките градини.
Народ од Филипините танцува во зоолошка во Луизијана, 1904 година
Откако овој експонат станал многу популарен, Карл направил експонати и со Нубијци и Инуити, кои исто така биле многу посетувани.
И, додека посетителите се восхитувале на „дивјаците“, заробените луѓе живееле во мизерија.
Германски зоолог (лево) позира со семејството што го донел за зоолошката во Берлин, 1931 година
Тие немале никаква приватност, постојано биле набљудувани од луѓе и немале никакво достоинство.
Тие биле робови кои служеле за разонода на белците.
Жените, пак, неретко биле присилувани да ги покажуваат нивните голи тела.
Зоолошка во Мисури, 1904 година
Луѓето од африкански племиња морале да носат традиционална облека која воопшто не е погодна за студените зимски месеци во Европа.
Немале доволно вода за пиење, а немале ни услови за одржување хигиена.
Луѓе од Африка во зоолошка во Норвешка, 1914 година
Некои биле присилувани да изведуваат дел од нивните религиски ритуали, а некои биле терани да ги покажуваат нивните „примитивни вештини“, како правење орудија од камен.
Некогаш луѓето биле терани и да се борат едни со други, со цел белците да ја виделе нивната физичка сила.
Една од најпотресните фотографии од човечките зоолошки: Мало девојче од Филипините во зоолошка во Њујорк, 1906 година
Покрај тоа, посетителите биле учени дека белите луѓе се супериорни над „дивјаците“ во зоолошките, а ова само го поттикнувало расизмот кој и онака бил проблем.
Човечките зоолошки биле голем хит, но сепак, мал број луѓе се противеле на нивната нехуманост.
Индијанци во зоолошка во Мисури, 1904 година
Според The New York Times, нештата почнале малку да се менуваат кога свештеник од Бруклин со африканско потекло решил да го сподели свето мислење:
„Нашата раса, сметаме, дека е доволно депресивна и без да биде изложувана како мајмуни. Сметаме дека сме достојни за да бидеме сметани за човечки битија, со души“.
Детенце во зоолошка во Чикаго, 1891 година
Неколку денови подоцна, човечката зоолошка во Бруклин била затворена.
Луѓе од Етиопија во Хамбург, 1909 година
Иако имало неколку случаи каде што луѓето се бунтувале против човечките зоолошки, нивната популарност не се намалила бидејќи се разбудила свеста кај луѓето.
Туку, светските војни, посебно втората, како и економските кризи што ги предизвикале, почнале да го одвлекуваат вниманието на луѓето од овие грозоморни зоолошки.
Кон средината на 20-тиот век почнале да се појавуваат и телевизорите, па луѓето си наоѓале друга разонода и човечките зоолошки повеќе не им биле забавни.
Најтрагично во целата приказна е што се чини дека луѓето не ни сфатиле какво зло им прават на робовите и, доколку немало воени конфликти, човечките зоолошки сигурно би биле популарни уште многу години.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





