На онкологија во Скопје запознав мажи кои се живи благодарение на самопрегледот – што е мовембер + чекори за грижа за машко здравје
„Додека примав хемотерапија, дознав за многу примери каде мажи сами си го дијагностицирале и откриле ракот преку самопрегледување. Најважно за секој маж е токму тоа, да знае да изврши самопреглед посебно за тестикуларниот канцер. Воедно, и да оди на редовни контроли. Преку редовни контроли, дел од моите „цимери“ на онкологија, го откриле канцерот во рана фаза, и затоа шансата за нивно излекување беше 100%“. Во продолжение следат и совети со чекори за самопреглед.
Мовембер не е само моден тренд, туку катализатор за подигнување на свеста за машкото здравје. Како што алудира кованицата на зборот, мовембер се одбележува во текот на месец ноември за да се подигне свеста за здравствените проблеми на мажите, како што се менталните проблеми и предизвици, ракот на простата и ракот на тестисите (воедно и секој останат вид на рак).
Со охрабрување на мажите да се вклучат во ова движење, мовембер има за цел да го зголеми раното откривање на ракот, дијагнозата и ефективните третмани, а воедно и да го намали бројот на смртни случаи кои може да се спречат.
Мажите треба да бидат свесни за семејната историја на рак и да прифатат поздрав начин на живот. Преку поздрав начин на живот се намалува појавата на рак; а преку редовна контрола на доктор се спречува секаков вид агресивна состојба на ракот (ако би се појавил).
Мовембер како движење се фокусира на трите клучни области за подигнување на свеста: рак на простата, рак на тестисите и ментално здравје и превенција од самоубиства. И најважно од сè: без предрасуди и срам да се зборува за тоа.
Додека примав хемотерапија, дознав за многу примери каде мажи сами си го дијагностицирале и откриле ракот преку самопрегледување. Најважно за секој маж е токму тоа, да знае да изврши самопреглед посебно за тестикуларниот канцер.
До мене во фотелјата на онкологија седеше дечко од Прилеп, кој од млади години се обучувал како да детектира рак на тестиси: начинот на самопрегледување и самоконтрола.
И токму поради тоа, години подоцна, сам открива малa испакнатина на едниот тестис. За среќа, преку самопреглед детектирал рак кој бил во прва фаза.
До ден денес сме во контакт; и за неговото спасување се заблагодарува на знаењето и љубопитноста, а воедно и желбата за добро здравје.
Чекори за самопреглед на тестиси:
1. Убаво опфатете еден тестис со двете раце. Најдобро се изведува за време или по топла бања или топло туширање.
2. Прегледајте со тркалање на тестисот помеѓу палецот и прстите. Употребете малку притисок.
3. Запознајте се со сперматичната врвка и епидидимисот: структури слични на цевки кои се поврзуваат на задната страна на секој тестис.
4. Почуствувајте дали има грутки или топчиња, промена на големината или неправилности. Нормално е едниот тестис да биде малку поголем од другиот.
Воедно, потребно е да се оди и на редовни контроли. Преку редовни контроли дел од моите „цимери“ на онкологија, го откриле канцерот во рана фаза, и затоа шансата за нивно излекување беше 100%.
Се запознав со еден стар дедо од Арачиново, кој поради одење на редовни контроли на простата, е уште жив. Ракот исто бил детектиран во рана фаза.
За да одиме на редовни контроли, не треба да имаме срам. Тоа е една од главните точки за успешно и навремено детектирање на ракот.
Имав запознаено и еден дечко кој за жал дозволил ракот да отиде во втор стадиум само поради тоа што чувствувал срам да отиде на доктор и да се прегледа.
За среќа, кај него се разбудила желбата за борба и живот, sега е жив и здрав, и самиот зборува за тоа колку е важно да се утврди рана детекција на ракот.
Целта на мовембер е мажите да не се бричат, но средствата кои претходно би ги потрошиле на жилети, пена за бричење, улја, итн, да ги донираат на организации кои ја подигнуваат свеста за борба против ракот, и истражувања за изнаоѓање соодветни и побезбедни лекови за рак.
Покрај подигнувањето на свеста за ракот, мовембер има за цел да ја подигне и свеста за менталното здравје кај мажите.
Имајќи предвид дека поголемиот процент на самоубиства во светот се извршени од страна на мажи, треба да се преземат системски решенија и да се поттикне секој да може слободно да говори за својот проблем. Да нема стигма, исмевање, или криење на проблемот.
Од лично искуство можам да кажам дека говорењето за моите трауми, им ја намали силата за 50%. И сега сум посреќен од кога и да било.
Моето ментално здравје беше скршено од менталното и физичкото злоставување, сексуалното злоставување како дете, врсничкото насилство како тинејџер. Но моментот кога почнав да говорам за тоа, посебно со стручни професионалци, мојот живот се промени на многу подобро.
Топло ве советувам свесно и позитивно да го користите овој тренд, за подигнување на свеста за машкото здравје.
И треба да се знае дека, мовембер не е само моден додаток, туку и силен катализатор за подигнување на свеста за машкото здравје.
Зборувајте, подигнете го гласот, пуштајте мустаќи и бради.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кирил Ангелов | Црнобело
фото: freepik.com / depositphotos.com