Семејство добивало морничави писма од личност која го демнела нивниот дом: „Ве гледам постојано и знам кои сте, но вие мене не“
„Дали младата крв (децата) ќе си игра во подрумот? Ако се таму, а вие на горниот кат, нема да можете да ги слушнете ако викаат на цел глас“, напишал „Гледачот“ во едно од неколкуте морничави писма што ги испратил до семејство во Њу Џерси. Од оваа вистинска приказна е инспирирана новата хит-серија The Watcher на Нетфликс.
Новата серија на Нетфликс насловена The Watcher веднаш стана хит благодарение на морничавиот заплет.
Во серијата, семејство кое се вселува во нов дом во Њу Џерси почнува да добива писма од непозната личност која се претставува како „Гледачот“ (оттаму и името на серијата The Watcher).
Од писмата е јасно дека мистериозната личност навистина го набљудува семејството бидејќи знае многу детали за нивното секојдневие.
Но, знаевте ли дека серијата е снимена според вистински случај, кој до денес не е решен?
Кратката серија е направена според колумна од 2018 година објавена во магазинот The Cut, која го опишува морничавото искуство на семејството кое било на мета на мистериозниот испраќач на писмата.
Во 2014 година, семејството Бродус купило куќа во соседство во Њу Џерси.
Дерек Бродус и сопругата Марија верувале дека го нашле нивниот дом од соништата, но уште пред да се вселат добиле морничаво писмо.
Вистинската куќа
Писмото било оставено во поштенското сандаче и адресирано до „Новиот сопственик“, а го нашол Дерек.
„Најдраг нов соседу на Булеварот 657 (адресата на куќата), дозволи ми да ти посакам добредојде во соседството. Како заврши овде? Дали куќата те повика со нејзината сила?
Булеварот 657 е предмет на интерес за моето семејство со децении и како што наближува неговиот 110-ти роденден, добив одговорност да го надгледувам и да го чекам второто доаѓање. Мојот дедо ја гледаше куќата во 1920-тите и мојот татко ја гледаше во 1960-тите. Сега е мој ред.
Ја знаеш ли историјата на куќата? Знаеш ли што се крие во нејзините ѕидови? Зошто сте овде? Јас ќе откријам“, пишувало во првото писмо.
Вистинската куќа
„Кој сум јас? Стотици и стотици автомобили минуваат пред куќата секој ден. Можеби јас сум во еден од нив. Погледнете ги сите прозорци што можете да ги видите од вашата куќа. Можеби јас сум во еден од нив.
Добредојдовте пријатели. Нека почне забавата“, напишал испраќачот кој се потпишал како „Гледачот“.
Семејството Бродус
Во писмата, „Гледачот“ ги спомнува и трите деца на Марија и Дерек:
„Дали ја исполнивте куќата со младата крв што ја побарав? Подобро за мене. Дали вашата куќа беше премногу мала за семејството што се зголемува? Или ми ги донесовте вашите деца поради алчноста? Штом ќе им ги дознаам имињата ќе ги повикам и ќе ги привлечам кон мене“.
Сцена од серијата
Во наредните писма, „Гледачот“ открил дека ги знае имињата на Марија и Дерек, но погрешно го напишал нивното презиме. Тој ги знаел и имињата на трите деца.
„Среќен сум што сега ги знам вашите имиња и имињата на младата крв што ми ја донесовте. Дефинитивно многу често им ги кажувате имињата“.
Сцена од серијата
Марија, Дерек и децата не се вселиле веднаш во куќата, туку прво сакале да ја реновираат. Тој период живееле во куќата на мајката на Марија.
„Гледачот“ бил свесен за реновирањето во куќата иако, наводно, однадвор не се гледало ништо такво. Во едно писмо, тој им спомнал дека не е среќен што не се постојано во куќата.
„Куќата едвај чека да се вселите. Поминаа години и години откако низ ходниците на куќата владееше млада крв. Ги откривте ли сите тајни што ги крие?
Дали младата крв ќе си игра во подрумот? Или многу им е страв да одат сами таму. Јас би бил многу исплашен на нивно место. Подрумот е далеку од куќата. Ако вие сте на горниот кат, не би можеле да ги слушнете ако викаат на цел глас“.
Сцена од серијата
„Ќе спијат ли на таванот? Или сите ќе спиете на вториот кат? Кој ќе спие во спалната што гледа кон улицата?
Ќе знам веднаш откако ќе се вселите. Ќе ми биде од помош да знам кој е во која соба. Тогаш ќе можам да планирам подобро“.
Сцена од серијата
Во писмата, „Гледачот“ изразил незадоволство бидејќи семејството ја реновирало куќата.
„Куќата плаче од болката низ којашто минува. Ја крадете нејзината историја. Плаче за минатото и периодот кога јас трчав низ нејзините ходници.
1960-тите беа добар период за куќата, кога јас трчав од соба во соба и си го замислував животот на богаташите кои ќе се вселат. Куќата беше полна со живот и млада крв.
Потоа остаре, исто како татко ми. Но, тој продолжи да гледа до неговата смрт. И, сега и јас гледам и го чекам денот кога младата крв повторно ќе биде моја“.
„Гледачот“ пишувал и дека минува пред куќата неколкупати дневно бидејќи тоа му е работа и опсесија.
Сцена од серијата
По некое време, Дерек и Марија одлучиле дека не треба да се вселат во куќата, па почнале да ја издаваат.
Ова го разгневило „Гледачот“, па оставил уште едно писмо. Писмото го нашло семејството што ја изнајмувало куќата, но било адресирано до „грдиот и злонамерен Дерек и неговата развратна сопруга Марија“
„Се прашувате кој е 'Гледачот'? Свртете се, идиоти. Можеби сте разговарале со мене. Или можеби знаете и сте премногу исплашени да кажете некому“.
Сцена од серијата
Дерек и Марија најмиле приватен детектив со надеж дека ќе го откријат идентитетот на „Гледачот“. Тие ангажирале поранешен ФБИ агент кој верувал дека испраќачот е постара личност која чувствува гнев кон богати луѓе.
Во истрагата биле вклучени и властите кои направиле ДНК анализа на едно од писмата. Резултатите покажале дека станува збор за жена, но ДНК-та не се совпаѓала со ниту еден осомничен.
Извесен период детективите мислеле дека „Гледачот“ е некој од соседите, но истрагата не го потврдила тоа.
Сцена од серијата
Бидејќи немале никакви цврсти докази, детективите постепено се откажале од истрагата. Наводно, случајот уште е отворен, но денес никој не работи активно на него.
Семејството ги добивало писмата во период од нешто помалку од две години, а бидејќи „Гледачот“ никогаш не бил фатен, во 2019-та решиле да ја продадат куќата.
Според The Cut, новите сопственици немаат добиено никакво писмо.
Потоа семејството ги продало правата за нивната приказна на Нетфликс, по што е снимена новата серија The Watcher. Некои детали во серијата се променети, но сепак многу добро го прикажува теророт што го трпело семејството.
Во продолжение можете да го погледнете трејлерот:
https://www.youtube.com/watch?v=5HDkw100sXQ
Спирова С. | Црнобело