6 градови ширум светот во кои можете да живеете удобно за околу 1.000 евра месечно
Во Бурса, Турција, можете да живеете удобно со околу 650 евра месечно ако изнајмувате стан во близина на центарот на градот.
фото: depositphotos.com
Во целиот свет, вклучувајќи и кај нас, трошоците за живот забрзано се зголемуваат.
Поради пандемијата, воениот конфликт во Украина, но и бројни други фактори, цените на храната, струјата и другите неопходни нешта стануваат сè повисоки.
Сепак, на некои места животот уште е релативно поевтин, особено ако се земат предвид тамошните просечни плати.
Користејќи податоци од веб-сајтот Numbeo, Insider направи листа со шест градови ширум светот во кои можете да живеете удобно за најмногу 1.000 евра месечно.
Веб-сајтот Numbeo има податоци за трошоците за живот во некои од најголемите градови во светот, вклучувајќи трошоци за кирија, храна, транспорт и слично.
Кои градови се најдоа на листата?
Буенос Аирес, Аргентина
Главниот град на Аргентина може да понуди многу – од вкусна храна и одличен ноќен живот, до бројни културни настани.
Овде можете да живеете со околу 700 евра месечно, дури и ако изнајмувате стан во центарот на градот.
Сантијаго, Чиле
Околу 35% од населението на Чиле живее во Сантијаго, и тоа со причина.
Покрај прекрасните панорами кон Андите, овде има бројни културни настани, музеи и врвни универзитети, а секој може да најде активност што ќе му се допаѓа.
Исто така, животот е релативно евтин – со околу 1.000 евра месечно ќе можете да живеете во близина на центарот на градот, но и да ги покриете сите основни трошоци.
Софија, Бугарија
И главниот град на нашиот источен сосед нуди релативно евтин живот.
Со 1.000 евра месечно ќе можете да живеете мошне удобно, а оваа сума може да биде и многу пониска ако не сакате да живеете во центарот.
Бурса, Турција
Бурса е можеби најевтиниот град на листава.
Ова е четвртиот најголем град во Турција, има многу зеленило, а во близина има и многу дестинации за љубителите на природа.
Ако живеете во близина на центарот, ќе ви бидат доволни околу 650 евра месечно за да ги покриете сите трошоци.
Монтереј, Мексико
Монтереј се смета за најпрогресивниот град во северниот дел на Мексико и е важен индустриски центар.
Според веб-сајтот Numbeo, квалитетот на животот во Монтереј е дури и подобар од Париз и Милано.
Ако живеете во центарот на градот, ќе ви требаат околу 1.000 евра месечно за да ги покриете трошоците.
Но, со стан во поевтина област, ќе ви бидат доволни и околу 800 евра.
Кејптаун, Африка
Со тиркизната вода на океанот, но и одличното време во текот на целата година, Кејптаун е навистина прекрасно место за живеење.
Ако изнајмувате стан со една спална настрана од центарот на градот, удобно ќе го поминете месецот со најмногу 1.000 евра.
Ако живеете во центарот на градот, ќе ви требаат околу 1.200 евра месечно за удобен живот.
Спирова С. | Црнобело