„Живеев во Швајцарија три месеци – што ме изненади најмногу?“
Чистиот јавен превоз, учтивоста на локалците, но и безбедноста што ја чувствувала како жена се работите што најмногу ја изненадиле Селест од САД кога се преселила во Швајцарија.
Швајцарија е земја во која би се преселиле многу луѓе кога би имале можност. Добро познат факт е дека тамошните жители се едни од најсреќните во светот и иако животот може да биде скап, скоро сите го имаат она што им е потребно.
Селест Поланко од САД живеела три месеци во Швајцарија, а нејзината приказна само ги потврдува сите гласини за убавиот живот во оваа земја.
Во 2020 година таа се преселила во Базел откако нејзиниот партнер добил работа таму.
За Insider Селест го споделува нејзиното искуство и вели дека била пријатно изненадена од многу работи што ги забележала во Швајцарија.
Што ја изненадило најмногу?
Повеќето локалци се пријателски настроени и живеат со побавно темпо
Селест речиси веднаш забележала дека повеќето луѓе се многу учтиви, пријателски настроени и со задоволство ѝ помагале да се снајде наоколу.
Истовремено, сите живееле со побавно темпо и никој не изгледал како да се брза.
„На пример, келнерот во една локална кафетерија беше заинтересиран како ми поминал денот и воопшто не се брзаше. Со топла насмевка, ми го донесе пијалакот токму таков каков што го порачав.
Кога, пак, одев кон масата што ја зафатив, забележав дека во меѓувреме седнал некој маж. Кога се доближив до него, веднаш ми се извини, го исчисти неговиот неред и се премести на друга маса“.
Во Швајцарија жените можат да се чувствуваат навистина безбедно
Повеќето жени стравуваат за својата безбедност кога се во друга држава потполно сами. Но, Селест вели дека воопшто не го почувствувал овој страв во Швајцарија.
„Поразлично е да сте жена во Швајцарија. Се чувствував безбедно додека одев сама и никогаш не проверував дали некој оди по мене.
Еднаш бев на кафе со пријателка и веќе беше ноќ кога тргнавме кон дома. Кога се разделивме ја замолив да ми напише порака кога ќе стигне дома – нешто што го правам постојано со пријателките во САД. Таа само ми се насмевна и ми рече ’Ова е Швајцарија – тука не се грижиме за тоа‘“.
Јавниот транспорт е чист и никогаш не доцни
Селест била воодушевена од јавниот превоз во Швајцарија кој ги надминал сите нејзини очекувања.
„Повеќето луѓе патуваат со автобус или воз. Бидејќи возовите и автобусите никогаш не доцнат, можев да отидам каде било без да се грижам. Покрај тоа, јавниот превоз е неверојатно чист“.
Повеќето луѓе не се „залепени“ за нивните смартфони
Во многу земји, исто и кај нас, голем број луѓе гледаат во своите смартфони, дури и кога се излезени со пријатели. Но, ова не важи за Швајцарија.
„Во јавниот превоз забележав дека луѓето не ги користеа нивните смартфони толку многу. Наместо тоа, или си разговараа или гледаа низ прозорецот. Со текот на времето почнав да чувствувам дека е погрешно да го вадам телефонот.
Многупати кога го вадев за да фотографирам нешто, забележував дека луѓето ме гледаат чудно. Во реалноста, јас бев турист кој е зависен од телефон“.
Во Швајцарија има храна од секоја змеја, но е многу скапа
Покрај традиционалните јадења, во Швајцарија лесно се наоѓа храна и од други земји, но генерално е многу скапа.
„Уживав во тајландска, храна, италијанска пица, мексиканска храна и пробав прекрасна рамен супа. Но, платив многу за овие оброци – парче пица ме чинеше 15 долари. Цените на храната се многу високи низ цела Швајцарија“.
Луѓето зборуваат на многу јазици
Покрај туристите, во Швајцарија има доселеници од целиот свет, па овде можат да се слушнат многу јазици.
„Јас престојував во Базел – град со 200.000 жители на границите со Германија и Франција. Поради разните култури во градот, сретнав многу луѓе кои зборуваа германски, француски или англиски.
Во јужните делови на Швајцарија, пак, има област која граничи со Италија, па овде се чувствува силно италијански влијание“.
Спирова С. | Црнобело