Во минатото постоеле „живи будилници“ – тропале по прозорци со стапови за да ги разбудат работниците
„Живи будилници“ се луѓето што во 19-тиот век со долги стапови тропале на прозорците и ги буделе работниците што нарачале будење. Во тој период услугите на овие луѓе биле поевтини и посигурни отколку да се купи будилник.
Некои луѓе немаат проблем со станувањето наутро, а за некои звукот на алармот е вистински кошмар.
Денес имаме паметни телефони со аларми, во минатото популарни беа алармните часовници со радио, а некои се сеќаваат и на старите метални будилници, но, пред сите нив имало и луѓе кои заработувале така што работеле како живи будилници.
Во 19-тиот век за време на индустриската револуција во Велика Британија будилниците сѐ уште не биле достапни за обичните работници, не биле евтини за купување, ниту пак биле прецизни, а фабриките барале вработените да доаѓаат рано на работа и да остануваат долго време на работното место.
За да го избегнат доцнењето на работа голем број вработени во фабриките ги користеле услугите на т.н. живи будилници (knocker uppers).
На почетокот ваквите „живи будилници“ рано наутро доаѓале во домот на тие што нарачале будење и тропале на влезната врата додека не ги разбудат сите во куќата, но заради поплаките од соседите, бил развиен нов поефективен метод.
Со оглед на тоа што спалните соби најчесто се наоѓале на вториот кат од куќите, живите будилници почнале да користат долги стапови со кои тропале на прозорецот само кај оние што нарачале будење.
Некои тропале само по два или трипати, а други тропале сѐ додека нарачателот не станел и не се појавел на прозорецот. Како и да е, живите будилници секој ден имале задача да разбудат околу 100 луѓе.
Нивната работа била мошне неблагодарна и тешка, се случувало наместо да добијат награда за будењето да бидат полеани со кофа вода, а за трудот заработувале само по неколку пени неделно.
За да бидат будни пред сите, живите будилници обично биле „ноќни птици“ што останувале будни по цела ноќ, а спиеле преку ден.
Ова професија честопати се пренесувала од колено на колено, а постоела сѐ до 40-тите и 50-тите години на минатиот век, кога под влијание на развојот на електродистрибуцијата и подемот на будилниците оваа професија целосно замрела.
Б. С. Б. | Црнобело