7 едноставни трикови и совети што ќе ви помогнат да изгледате самоуверено додека зборувате со други
Обрнете внимание на говорот на телото, избегнувајте да го критикувате соговорникот и наместо да се фокусирате на проблемот, понудете решение.
Некои луѓе, едноставно, имаат дар да зборуваат и пред цела толпа луѓе без воопшто да се почувствуваат анксиозно или несигурно.
Но, на повеќето може да им биде тешко да се изразат јасно и самоуверено, особено ако станува збор за сериозен состанок или ако треба да зборуваат пред повеќе луѓе.
Ако спаѓате овде, важно е да знаете дека има начин и вие да станете личност која зборува самоуверено.
Во ова ќе ви помогнат следниве совети и трикови:
Обрнувајте внимание на вербалната, но и на невербалната комуникација
Невербалната комуникација е позната и како говор на телото, а е исто важна колку и вербалната комуникација.
За да си ја зголемите самодовербата пред да им се обратите на една или повеќе личности, замислете си како зборувате самоуверено. Визуелизирајте како зборувате сигурно и јасно. Ова ќе ви помогне колку-толку да се ослободите од анксиозноста.
Додека зборувате, стојте исправено и гледајте кон соговорникот (или соговорниците). Ако зборувате со една личност, гледајте ја во очи. Ако зборувате пред група луѓе, кога некој ќе ви постави прашање, гледајте го во очи додека одговарате.
Добро би било на вашето лице да има и блага насмевка.
Наместо да критикувате, давајте инструкции
Ако сте во ситуација кога треба да зборувате со некого за некоја грешка што ја направил, избегнувајте да се фокусирате на негативното.
Односно, наместо да речете „Не треба да го правиш тоа“, дајте предлог како да ја заврши задачата подобро.
Друг одличен пример за ова е кога нечие однесување ви пречи – наместо да го прекорите и да му речете да престане со тоа, можете да речете „Те молам оди во друга просторија ако го правиш тоа“.
Од една страна, ова ќе направи да изгледате самоуверено, а од друга - многу е полесно да дадете совет отколку да критикувате некого.
Не го напаѓајте соговорникот
Избегнувајте да го напаѓате соговорникот и наместо тоа искажете ја вашата грижа во врска со даден проблем.
Ако, на пример, некој колега доцни со неговите задачи, наместо да го обвините, речете му „Сметам дека ќе настанат проблеми ако не завршиме навреме“.
Со овој пристап ќе ја споделите вашата загриженост, соговорникот ќе ве послуша без да биде навреден и, како во претходниот случај, полесно е да покажете загриженост отколку да прекорувате.
Не се фокусирајте на проблемот, туку предложете решение
Наместо да се фокусирате на проблемот или грешката што сте ја направиле, пробајте да понудите решение. На овој начин ќе зборувате посигурно и ќе звучите посамоуверено.
Ако на работа ви побарале некоја презентација, но не сте ја завршиле навреме, немојте да велите дека сте немале време. Наместо тоа, понудете решение, односно кажете „Презентацијата ќе биде готова утре“.
Немојте да се извинувате премногу
Извинувањето по секој збор ќе направи да изгледате несигурно. Па, освен ако навистина не е неопходно, избегнувајте го.
Ако направите сосема мала, безначајна грешка, и некој ве поправи, не се фокусирајте на вашата грешка. Односно, наместо да се извинувате, заблагодарете ѝ се на личноста што ве поправила.
Зборувајте бавно и јасно и избегнувајте да правите многу паузи
Ако треба да одржите говор пред повеќе луѓе, добро би било да го повежбате додека сте дома.
Одличен начин да го направите ова е да се снимите со вашиот смартфон, а потоа анализирајте го видеото за да воочите каде најмногу правите паузи и кои зборови ви претставуваат најголем проблем и ќе знаете на што да обрнете повеќе внимание.
Исто така, зборувајте побавно за да ја намалите можноста за грешки.
Не ја исполнувајте тишината со непотребни разговори
Нема ништо лошо ако во просторијата завладее тишина.
Ако, на пример, сте на интервју за работа и личноста што ве интервјуира го разгледува вашето CV, нема потреба да кажувате нешто безначајно само за да ја исполните тишината. Со ова само ќе изгледате како нервозна и несигурна личност.
Спирова С. | Црнобело