Станал поглавар на племе или го изеле канибали – мистериозното исчезнување на археологот кој барал мистичен град во амазонските џунгли
Во 1925 година, археологот и истражувач Перси Фосет тргнал на пат низ амазонската џунгла во потрага по древен мистичен град населен со домородци. За време на експедицијата, на Перси му се губи секаква трага, а над 100 луѓе кои биле вклучени во потрагата или загинале, или исчезнале во џунглата како него.
Перси Фосет, познат британски географ, офицер, картограф, археолог и истражувач, бил роден во 1867 година. Како истражувач и археолог, неговиот главен интерес била Јужна Америка, а токму оваа опсесија е причината за неговото мистериозно исчезнување.
Во 1925 година, за време на експедиција чија цел била да најде загубен древен град во џунглите на Бразил, Перси Фосет исчезнал и до денес не е познато каква судбина го снашла.
Пред да ја почне експедицијата за наоѓањето на „изгубениот град З“, Перси Фосет бил дел од британската артилерија, бил на воена должност за време на Првата светска војна, а поминал и извесен период во Мароко како шпион.
Првата авантура на Перси во Јужна Америка почнала во 1906 година. Тогаш тој имал 39 години и добил задача да ја мапира неистражената територија на границата помеѓу Бразил и Боливија.
По ова, Перси имал уште неколку опасни експедиции во амазонските џунгли каде што умешно ги избегнувал сите опасности, па дури и стапил во контакт со домородни племиња на кои сите се плашеле да им пријдат.
Перси Фосет на границата на Бразил и Боливија
Генерално, до неговата последна експедиција, Перси веќе имал завидно искуство и може да се каже дека бил како Индијана Џонс од реалноста.
Неговите подвизи му донеле престижна награда од Кралското географско друштво во Англија, па дури и му биле инспирација на Артур Конан Дојл за новелата „Изгубениот свет“.
Благодарение на огромното искуство и средбите со домородното население, Перси почнал да верува дека среде амазонските џунгли се крие напреден, но многу стар град. Истражувачот сметал дека е сосема возможно огромни групи луѓе да ги преживеат суровите услови на џунглите, па дури и да станат напредно општество.
Кога, пак, налетал на записи од португалски ловец на богатство од 1753-та во кои била опишана „огромна камена метропола среде џунглата“, неговите верувања се зацврстиле.
Перси Фосет
Со текот на времето, Перси станал опседнат со идејата за древен град во амазонските џунгли, па во раните 1920-ти организирал две експедиции за негово наоѓање. Перси го нарекол градот „З“.
Првите две експедиции не траеле долго и поради лошите временски услови и лошата здравствена состојба на неговиот тим, биле откажани.
Околу три години подоцна, Перси повторно собрал доволно пари за да може да започне и трета експедиција.
Тогаш 57-годишниот истражувач верувал дека древниот град се крие во неистражената област Мато Грошо во Бразил.
Многу луѓе сакале да бидат дел од експедицијата на Перси и се пријавиле бројни волонтери, но на крај тој со себе го зел неговиот 21-годишен син Џек, како и неговиот најдобар пријател Рали.
Џек и Рали за време на експедицијата во 1925 година
Во јануари 1925 година, тројцата мажи запловиле од Њу Џерси и ја почнале нивната авантура, а за медиумите изјавиле:
„Ќе се вратиме и ќе го најдеме она што го бараме“.
Поради долгиот пат и многуте подготовки, тројцата истражувачи, заедно со неколку водичи, влегле во џунглата дури во април истата година.
Кон крајот на мај, Перси ги испратил водичите назад, а со Џек и Рали продолжиле да се движат сами. Тогаш Перси го испратил и последното писмо до неговата сопруга:
„Џек е добар и во топ-форма и секој ден станува посилен. Не треба да се плашиш дека нема да успееме“.
Перси, Рали и еден од водичите за време на експедицијата во 1925-та
Пред почетокот на експедицијата, Перси му соопштил на семејството дека штом ќе влезат во непозната територија, ќе немаат како да контактираат.
Сепак, до 1927-ма, речиси две години од почетокот на експедицијата, од Перси и неговиот тим немало ни трага ни глас.
Медиумите почнале да шпекулираат дека Перси и придружниците се убиени, па дури и изедени од канибали. Некои оделе дотаму што тврделе дека сите тројца го прифатиле животот на домородците и решиле да останат таму.
Постоеле гласини дека Перси бил заробеник на некое домородно племе, па дури и дека станал поглавар на племе канибали од џунглата.
Дури во 1928 година била организирана првата експедиција за потрага по Перси и неговите придружници. Тие не успеале да ги најдат нивните тела, по што се родила надеж дека можеби уште се живи.
Синот на Перси - Џек Фосет - за време на експедицијата
Следните неколку години биле организирани бројни експедиции за наоѓање на Перси и придружниците, при кои загинале над 100 истражувачи, а на голем дел им се изгубила секаква трага во џунглата.
Потрагата по Перси траела и до 1996 година, кога неколку истражувачи биле заробен од страна на домородно племе. Тие успеале да се спасат откако им ветиле на домородците дека ќе им ја остават целата опрема.
Веројатно никогаш нема да дознаеме што се случило со Перси, Џек и Рали. Поискусните експерти веруваат дека тројцата мажи можеби биле заразени со маларија или некаков паразит - нешта што се честа појава во амазонските шуми.
Постојат теории дека останале без храна, се удавиле, па дури и дека биле нападнати од некое диво животно.
Перси Фосет
Бидејќи Перси отсекогаш бил фасциниран со мистицизмот, некои луѓе се убедени дека самиот го инсценирал исчезнувањето со цел да започне окултна заедница во џунглата.
Дури во 2005 година е откриен некаков доказ за движењето на Перси низ џунглата. Новинарот Дејвид Гран се движел по истите места во џунглата како и Перси, кога сретнал домородно племе.
Од племето дознал дека тие со децении пренесуваат приказна за некојси истражувач, најверојатно Перси. Наводно, тие го предупредиле Перси да не влегува во територијата на друго, немилосрдно племе, но тој не ги послушал.
Бидејќи не се вратил, домородците претпоставиле дека бил убиен од другото племе.
Перси Фосет
Најинтересно во целата ситуација е тоа што теоријата на Перси за древниот град можеби не е само луда фантазија. Многу археолози веруваат дека амазонските џунгли биле дом на напредни заедници долго пред Европејците да стапнат на американското тло.
Досегашните истражувања имаат откриено остатоци од ѕидини, патишта и градби во кои би можеле да се сместат илјадници луѓе.
А, некои од овие остатоци се наоѓаат токму на местото каде што Перси се надевал дека ќе го најде неговиот град.
За авантурата на Перси е снимен и филм - The Lost City of Z.
Спирова С. | Црнобело