Сериозни проблеми со менталното здравје или вистинска демонска опседнатост – трагичната судбина на Ана Елизабет Мишел
Ана Елизабет Мишел имала епилепсија, а со текот на времето состојбата со менталното здравје само ѝ се влошувала. Бидејќи ниту една терапија не била од помош, нејзините родители побарале помош од свештеник кој се убедил дека девојката е опседната, па побарал дозвола за егзорцизам. Тажната судбина на девојката е инспирација за хорор-филмот Exorcism of Emily Rose.
Ако сте го изгледале Exorcism of Emily Rose, тогаш донекаде ја знаете приказната за Ана Мишел која е всушност инспирација за филмот.
Во филмот, Емили Роуз е опседната од повеќе демони, па покрај останатите морничави сцени, гледаме и како свештеници извршуваат егзорцизам.
Во реалноста, Ана „покажувала симптоми на опседнатост“, па нејзините родители викнале свештеник кој извршил дури 67 егзорцизми. Но, младата девојка не преживеала.
Овој настан ја разбранува јавноста, а родителите и свештените лица дојдоа до суд и беа тужени за убиство бидејќи никој од експертите не верувал дека Ана била опседната од демон.
Па, што точно се случило?
Ана Елизабет Мишел, позната и како Анализ, потекнува од град во Западна Германија. Нејзините родители биле посветени католици, па двапати неделно таа одела во црква.
По средно училиште, Ана се запишала на факултет, а сите колеги ја опишувале како „повлечена и религиозна девојка“.
Околу една година пред да замине на факултет, на 17-годишна возраст, Ана била дијагностицирана со вид епилепсија. Бидејќи имала неколку напади, престојувала во психијатриска установа каде што почнала терапија со лекови.
Но, лековите не ѝ помогнале, а Ана тврдела дека гледа „демонски лица“ неколкупати во текот на денот. Тогаш лекарите ѝ препишале друга терапија со лекови кои се користат за растројства како шизофренија.
Три години подоцна, Ана развила и депресија. Притоа, постојано се жалела дека халуцинира додека се моли, но и дека слуша гласови кои ѝ викале дека ќе „скапе во пеколот“.
Ниту една терапија не била од помош за измачената девојка и, најверојатно поради гласовите што ги слушала и халуцинациите што ги гледала, почнала да се плаши од свети места и предмети како крст.
Не знаејќи што друго да прави, Ана решила да побара помош од семеен пријател кој исто така бил посветен христијанин. Тој бил првиот што ѝ рекол дека не е болна, туку опседната од демон.
Ана и нејзиното семејство поверувале во ова, па почнале да бараат помош од свештеници. Свештениците одлучно одбиле да изведат егзорцизам бидејќи е потребна посебна дозвола, а ги советувале и да ѝ веруваат на медицината и да продолжат со лекување.
Но, состојбата на Ана продолжила да се влошува – станувала многу агресивна, се самоповредувала, па дури и ги јадела пајаците што ги наоѓала во нејзината соба.
Според Католичката црква, дозвола за егзорцизам може да се издаде само ако личноста, во овој случај Ана, ги исполнува критериумите кои вклучуваат аверзија кон свети предмети (крст и слично) и покажување натприродна сила или некоја моќ.
Ана сепак била посетена од свештеник – Ернест Алт – кој по средбата изјавил дека девојката не изгледа како лице со епилепсија. Свештеникот се убедил дека Ана е опседната, па почнал да го моли бискупот Џозеф Стангл да даде дозвола за егзорцизам.
На крај, бискупот дал дозвола, но нагласил да се изведе во најголема тајност. Егзорцизмот требало да го изведе друг свештеник – Арнолд Ренз.
Првиот егзорцизам бил изведен на 24 септември 1975 година. Во наредните десет месеци, свештеникот ѝ направил вкупно 67 егзорцизми на Ана. Сеансите траеле и до четири часа.
За жал, Ана не го издржала сето ова и на 1 јули 1976 година починала во нејзиниот дом. Имала 23 години.
Подоцна е утврдено дека причина за смртта биле дехидратација и изгладнетост – девојката тежела само 30 килограми пред смртта и не можела да се движи без помош.
Набрзо по смртта почнала истрага за трагичниот настан, по што надлежните заклучиле дека Ана можела да биде спасена. Поради ова, родителите на Ана, заедно со двајцата свештеници, биле тужени за убиство од небрежност.
Судењето почнало во 1978 година каде што неколку лекари тврделе дека Ана не била опседната. Според нив, нејзината состојба била психолошки ефект предизвикан од строгото религиозно воспитување, во комбинација со нејзината епилепсија.
Сепак, свештениците стоеле на своето, дури изјавувајќи дека Ана била опседната со повеќе од шест демони. Исто така, тие изјавиле дека Ана била ослободена од демоните во последните мигови од животот.
Тие пуштале и аудоснимки од егзорцизмите на кои наводно се слушале гласовите на демоните. Снимките не се достапни за јавноста.
Бискупот што го одобрил егзорцизмот изјавил дека не бил свесен колку всушност е лоша здравствената состојба на Ана, па не сведочел на судењето.
На крај, надлежните дошле до заклучок дека смртта на Ана настанала поради ментална болест која не била правилно идентификувана, а родителите и свештениците биле прогласени за виновни. Сепак, добиле само условна казна.
По овој настан, бројот на егзорцизми во Германија драстично се намалил, правилата станале многу построги и сега сеансите се користат само за многу ретки случаи за кои свештените лица се целосно убедени дека се опседнатост.
Спирова С. | Црнобело