Не шетајте разголени, секогаш имајте кеш – Што (не) треба да правите во Индија, низ илустрации
Разголената облека е вулгарна за Индијците, па ако сте таму, особено во помал град, покријте го телото.
Културата во Индија е многу поразлична од нашата, па ако некогаш решите да одите таму, добро би било да знаете што треба, а што не треба да правите.
Секојпат кога одите во некоја држава треба да покажете почит кон локалните жители, а за да го направите тоа треба да знаете по нешто за тамошната култура.
Па, што треба да знаете за Индија?
Внимавајте како ракувате со книги или што било друго поврзано со знаење
Индијците ги гледаат книгите како најголем извор на знаење, а си имаат и своја божица на знаењето и учењето – Сарасвати.
Може да се каже дека за нив книгите се свети, па навистина е важно како ги третирате. Ако клоцнете книга или ранец полн книги, или ако допрете книга со ногата, ќе покажете огромно непочитување кон Индијците.
Тие го имаат овој став и за другите предмети што се поврзуваат со знаење и учење, како моливи и тетратки.
Дајте ѝ шанса на уличната храна
Пробувањето на локалните деликатеси е еден од најзабавните делови во секое патување.
Индија има прекрасна кујна и можете да најдете вистински специјалитети кај уличните продавачи.
Само во овој случај бидете внимателни – најдобро купувајте храна со свежи состојки и избегнувајте млечни производи.
Истото важи и за водата, но и мразот што се става во пијачките. Односно, не пијте вода од чешмата и ако нарачувате пијалак кажете да не ви ставаат мраз бидејќи водата не е безбедна за пиење.
Не мора да бидете премногу учтиви
Секогаш треба да бидете учтиви кон другите, но ако претерате во Индија, тоа може да се гледа и како навреда.
Наводно, Индијците сметаат дека штом направиле нешто за вас, тогаш сте им блиски. Со премногу учтивите зборови, тие сметаат дека оваа близина се намалува.
Ако, на пример, некој ви помогне за нешто, не мора да викате „Многу ви благодарам“. Подобро кажете дека ја цените услугата или дека ви значи гестот. Со ова ќе ја покажете вашата благодарност без да го навредите соговорникот.
Секогаш користете ја десната рака за подавање и земање нешто
Додека ние не обрнуваме многу внимание на ова, во Индија избегнувајте да ја користите левата рака за земање, подавање, па дури и ракување и јадење.
Според Индијците левата рака е „нечиста“ и се користи за „нечисти“ работи.
Не покажувајте со прст
Многумина од нас имаат навика да покажат со прст кога зборуваат за нешто. Додека и кај нас е неучтиво да покажувате кон некого со прст, во Индија избегнувајте ја оваа гестикулација дури и ако станува збор за место или предмет.
Ако сакате да покажете кон нешто, покажете со целата дланка.