Од желба за раѓање на престолонаследник, до неверства и обезглавување – судбините на 6-те сопруги на кралот Хенри VIII
Очајничката потрага на монархот за политичко обединување и здрав машки наследник го натерало да поништи два брака и да обезглави две сопруги. Кои биле шесте сопруги на најконтроверзниот британски владетел?
Кралот Хенри VIII владеел со Англија цели 36 години (1509-1547), претседавајќи со почетоците на англиската ренесанса и протестантска реформација.
Сепак, наместо неговото политичко предводење - центарот на вниманието го задржа токму неговиот бурен, романтичен живот. Хенри VIII е најпознат по своите шест сопруги и неколкуте љубовници кои ги држел на страна.
Очајничката потрага на монархот за политичко обединување и здрав машки наследник го натерало да поништи два брака и да обезглави две сопруги.
Неговиот хаотичен љубовен живот предизвикал нестабилна сукцесија, надворешни политички импликации, па дури и довел до раскинување со Римската црква.
За животот и владеењето на кралот Хенри VIII е снимена историска серија наречена The Tudors, креирана од Мајкл Христ и снимена во Ирска.
Серијата именувана според Тудор династијата е базирана врз владеењето на големиот Хенри, а оваа приказна кај нас се емитуваше на телевизијата Канал 5.
Во продолжение за вас издвоивме повеќе детали од животот на 6-те сопруги на Хенри VIII:
Кетрин од Арагон (1485-1536)
Хенри го презел тронот во 1509 година, на 17-годишна возраст. Шест недели подоцна, тој се оженил со вдовицата на неговиот постар брат Артур, Кетрин од Арагон.
Кетрин била ќерка на кралот Фердинанд и кралицата Изабела од Шпанија.
Од моментот кога младиот Хенри се оженил, тој бил опседнат да го продолжи семејното стебло.
Од повеќекратни бремености и неколку раѓања, единственото дете што преживеало за време на нивниот брак била ќерката на Хенри и Кетрин, Мери - родена во февруари, 1516 година.
Ана Болејн (1501-1536)
Ана и нејзината сестра Мери поминале дел од своето детство во францускиот двор. Мери се вратила во Англија некаде околу 1520 година и имала кратка афера со Хенри.
За разлика од неа, Ана немала интерес да биде љубовница. Кога Хенри побарал поништување на бракот со неговата прва сопруга за да се омажи со Ана, Рим одбил.
Така, кралот се одвоил од Римокатоличката црква и ја формирал Англиската црква. Хенри и Ана се венчале во јануари 1533 година, а Ана го родила нивното прво дете - Елизабета, во септември истата година.
Хенри се надевал дека Ана ќе му роди син, но по серија мртвородени раѓања, тој изгубил интерес за неговата сопруга. Очаен да ја прекине врската, Хенри ја обвинил за прељуба и предавство и го поништил бракот.
На 19 мај 1536 година, Ана била обезглавена поради нејзините наводни злосторства. Таа е убедливо најпроучена од сопругите на Хенри VIII, но голем дел од нејзиниот живот останува мистерија, вклучувајќи ги и условите за нејзиното погубување.
Џејн Сејмур (1508-1537)
Неколку дена по обезглавувањето на Ана, Хенри се оженил со својата трета сопруга Џејн Сејмур. Мајките на Aна Болејн и Џејн Сејмур биле први братучеди, кои имале иста баба и извесен период биле израснати заедно.
На 12 октомври, 1537 година, Џејн го родила Едвард VI и починала од компликации при раѓањето, неколку недели подоцна. По желба на кралот, Џејн е погребана во капелата Свети Ѓорѓи, покрај него.
Ана од Кливс (1515-1557)
Хенри останал ерген две години, додека неговиот главен министер не му предложил да побара европски сојуз и да се ожени со една од сестрите (Ана и Амелија) на германскиот војвода од Кливс.
Хенри побарал портрети на жените и ја одбрал Ана. Кога таа пристигнала во Англија на 1 јануари, 1540 година, Хенри бил шокиран бидејќи нејзиниот портрет не соодвестувал со вистинската личност.
Тој се обидел да ја прекине венчавката, но не успеал и тие се венчале на 6 јануари, 1540 година. Ана, таканаречената „грда сопруга“, прифатила развод и дарежлива спогодба шест месеци подоцна и живеела во мир додека сѐ до нејзината смрт во јули, 1557 година.
Кетрин Хауард (1523-1542)
Хенри се оженил со Кетрин Хауард во јули, 1540 година (во тоа време имала помеѓу 17 и 19 години).
Дотогаш тој веќе имал проблеми со прекумерна тежина, а заради гангрената на прстите на нозете не можел да оди. Сепак, забележано е дека тој бил воодушевен од својата невеста, ја опсипувал со подароци и ја нарекувал својата „роза без трн“.
Но, помалку од една година од нивниот брак, се појавиле гласини за неверство. Со доволно докази дека била промискуитетна, Кетрин била погубена поради прељуба и предавство на 13 февруари, 1542 година.
Кетрин Пар (1512-1548)
Хенри се оженил со својата шеста сопруга, Кетрин Пар, во јули 1543 година. Кога таа покажала интерес за протестантизмот, Хенри ја уапсил. Таа успеала да ја избегне судбината на нејзините претходници, носејќи стабилност и мир на судот, како љубезна и грижлива маќеа за децата на Хенри.
Од сите сопруги на Хенри, Кетрин Пар имала најголемо влијание врз најширокиот спектар на области, вклучувајќи ја дворската култура, религијата, улогата на жените и образованието на децата на Хенри. Кетрин починала во 1548 година, една година по смртта на Хенри.
Мила М. | Црнобело