Алена од Русија има коса долга 130cm: „Ми требаат 16 часа неделно за да ја средам, често ми се заплеткуваат бубачки“ (фото)
Алена од Русија има коса долга 130 сантиметри за чија нега ѝ се потребни 16 часа неделно. Долгата коса си носи и многу предизвици – често ѝ се заплеткува во гранки, некогаш си ја наседнува, а одвреме-навреме во неа се заплеткуваат и бубачки.
Алена Мазаник од Русија има 35 години и неретко е нарекувана Златокоса (или Рапунзел) поради нејзината коса која е долга 130 сантиметри.
На Алена ѝ се потребни неверојатни 16 часа неделно за да ја среди нејзината коса, но вели дека можеби најголем проблем ѝ претставуваат инсектите – бидејќи косата ѝ е навистина густа, во неа се заплеткувале бубачки.
Алена, која е Инстаграм инфлуенсерка, отсекогаш имала долга коса, но решила да ја порасне многу долга во 2018 година. Целта ѝ била да личи на Златокоса.
Алена истакнува дека грижата за толкава коса не е воопшто лесна и често ѝ се случувало да ѝ се заплетка во некоја гранка додека оди по улица.
„Некогаш должината претставува проблем. На пример, често случајно си ја наседнувам косата. Некогаш ми се заплеткуваат и муви и пеперутки во неа“.
Алена сфатила дека сака долга коса уште на 13-годишна возраст, откако си направила кратка боб фризура. Речиси веднаш се покајала и оттогаш си рекла дека никогаш повторно нема да ја скрати косата, барем не толку многу.
На 19-годишна возраст нејзината коса веќе била долга околу 60 сантиметри и тогаш решила да ја офарба.
Алена 2-3 години експериментирала со боите, но сфатила дека тоа ѝ ја оштетува косата. Па, престанала со фарбање, ја оставила косата да расте и одвреме-навреме ги скратувала врвовите оштетени од фарбата.
Од 2018 година сфатила дека е време да почне со подобра нега за својата коса, па сега ѝ требаат и до 16 часа неделно само за тоа.
„Во 2018-та сфатив дека сакам многу долга коса, но и дека морам да водам подобра грижа за неа ако сакам да изгледа здраво. Ми се допаѓа што косата ми е густа и многу мека. Уживам додека ја чешлам и расплеткувам со рацете“.
Алена прави по 3-4 третмани за коса неделно, кои можат да траат и по 4 часа. Таа користи масла кои го стимулираат растот, шампон и маска што ја хидрира косата. По миењето нанесува спрејови и масла кои ги подобруваат изгледот и состојбата на косата.
Алена е доста популарна на ТикТок, каде што го споделува нејзиното искуство со долгата коса и веќе има речиси 2 милиони следбеници. Инфлуенсерката има и 20.000 следбеници на Инстаграм.
Вели дека често добива комплименти за косата, но и дека децата неретко ја споредуваат со Златокоса.
„Луѓето од целиот свет ми пишуваат комплименти за косата. Жените ми велат дека ги мотивирам и инспирирам. Ме прашуваат за совети како да ја пораснат косата, а јас им помагам.
Сепак, некои луѓе сметаат дека само косата како на рекламите е убава и ми велат дека не сум се грижела за неа. Јас, пак, им велам дека секоја коса може да биде убава – без разлика дали е права, извиткана, бујна, кратка или долга, густа или ретка. Не можете да ги критикувате луѓето поради изгледот“.