Носење маска кога сме настинати, онлајн купување – навики кои веројатно нема да се вратат „на старо“ по пандемијата
Пандемијата нè натера да направиме драстични промени во нашите животи – работење од дома, купување само онлајн, миење раце по стопати во денот, носење заштитна маска…
Повеќе од една година чекаме да дојде крајот на пандемијата и да се вратиме на „старото нормално“. Но, толку долго живееме според овие „нови“ правила, што сосема возможно е некои работи никогаш да не се вратат по старо.
Токму ова е темата на форум на Редит, каде што еден корисник ги прашал останатите: „Што е она што никогаш нема да биде исто како порано после пандемијата?“
Од носење маски кога сме настинати, па сè до одржување на високото ниво на хигиена на јавните површини, погледнете ги мислењата на корисниците:
„Ајде да продолжиме да носиме заштитни маски во јавност секојпат кога сме настинати и слично. Кога дознав дека во некои држави ова е нормално, помислив дека е одлична идеја“.
„Навистина се надевам дека ќе продолжи да се обрнува многу внимание на хигиената и дезинфекцијата во јавните тоалети. Чудно ми е како пред пандемијата ова не беше нормално“.
„Никогаш повеќе нема да облечам градник!“
„Достава на храна. Бесконтактната достава на храна е најдоброто нешто што се случи изминатава година“.
„Сите ќе ве гледаат сомнително дури и ако имате само обична настинка или кашлица“.
„Многу возрасни луѓе се вселија кај нивните родители. Мислам дека ова треба да биде пошироко прифатено, особено во земјите на западот“.
„Мислам дека заштитните прегради на касите во продавниците ќе си останат и по пандемијата“.
„Многу луѓе почнаа да работат од дома, па сметам дека многумина ќе продолжат така и ќе почнат да се селат настрана од големите градови“.
„Држењето растојание кога чекаме во редица“.
„Бидејќи сè повеќе луѓе почнуваат да работат од дома, се надевам дека барем малку ќе се намалат сообраќајните метежи“.
„Чувството кога си на концерт или музички фестивал. Мислам дека уште долго нема да се чувствуваме слободно на овие настани бидејќи ќе помислуваме на пандемијата“.
„Сметам дека во иднина сите ќе продолжиме да носиме заштитни маски додека чекаме ред во болница“.
„Никогаш нема да ми се врати довербата во човештвото“.
„Повеќе нема кивање во јавност“.
„Во пандемијата ја изгубив почитта за многу блиски пријатели. Мислам дека тоа никогаш нема да се промени“.
„Онлајн пазарење од маркет – немам стапнато во продавница со месеци. Некогаш е добро да отидете директно во маркет, но мислам дека е многу поедноставно да си порачате сè онлајн“.
„Мислам дека никогаш нема да можам да допрам нешто без да помислам какви сè бактерии и микроби има на него“.
Што мислите вие, кои работи и правила ќе си останат исти и откако ќе заврши пандемијата?
Спирова С. | Црнобело