6 детали во бањата што откриваат многу работи за вас
Дали вашата бања секогаш „блеска“ или не можете ни да се сетите кога последен пат сте ја исчистиле? Овие работи, заедно со другите детали во бањата, можат да откријат некои интересни работи за вашиот карактер.
Вашиот карактер и вашата ментална состојба влијаат врз многу аспекти од животот. Ако, на пример, сте изложени на многу стрес или се чувствувате депресивно, веројатно ќе го запоставите чистењето на домот. Ако, пак, сте организирана личност, тоа ќе се одрази и на вашиот дом.
Па, погледнете што откриваат ситниците и деталите во бањата за вашиот карактер:
Тоалетна хартија
Изгледа вечно ќе трае дебатата за тоа како правилно треба да стои тоалетната хартија.
Ако сте личност која ја мести тоалетната ролна така што нејзиниот крај е нанадвор, како илустрацијата лево, тогаш вие сте доминантна личност. Веројатно сакате да имате контрола над секоја ситуација и сте доста организирани.
Ако ја местите тоалетната од другата страна, како илустрацијата десно, тогаш најверојатно сте безгрижна личност.
Ако, пак, воопшто не ви е важно како е наместена ролната, вие не сакате конфликти и сте доста флексибилни.
Шкафчиња
Дали во вашето шкафче владее неред и ни самите не знаете што сè има внатре? Ова не мора да значи дека сте неуредна личност, туку поверојатно е дека вие сте многу креативни. Сигурно сакате да истражувате и да откривате нови нешта, а скоро секоја ваша идеја е одлична.
Од друга страна, ако во шкафчето сè е „под конец“ вам ви пречи нередот и прави да се чувствувате непријатно. Вие сте добро организирана личност и обрнувате внимание и на најситните детали.
Продукти за хигиена
Ако во бањата имате безброј продукти за хигиена, од кои повеќето се истрошени и треба да се фрлат, голема е веројатноста да сте изложени на многу стрес. Самиот неред, пак, може да направи да се чувствувате уште полошо.
Ако бањата е полна со шишиња од продукти за хигиена и нега кои не се празни, тоа е јасен знак дека се грижите за својот изглед.
Ако во бањата има само неопходни продукти за хигиена, како шампон и сапун, вие сте опуштена личност и изгледот не ви е никаков приоритет.
Бои во бањата
Многу психолози веруваат дека боите што ги одбираме за домот можат да откријат детали за нашиот карактер.
На пример, ако во бањата доминира белата боја, најверојатно станува збор за смирена и релаксирана личност. Истото важи и ако доминира светло розовата или која било друга светла нијанса.
Дречливите бои најчесто ги одбираат луѓе кои сакаат внимание и кои секогаш се пријателски настроени, односно екстроверти.
Када и лавабо
Дали кадата и лавабото во вашата бања „блескаат“ или не се ни сеќавате кога последен пат сте ги исчистиле? И оваа ситница може да открие нешто за вас.
Обично луѓето кои редовно ја чистат бањата се грижат за хигиената и здравјето.
Ако долго време сте ги запоставиле кадата и лавабото, голема е веројатноста да минувате низ лош период или да сте изложени на многу стрес.
Целокупен изглед
Луѓето чија бања е скоро секогаш чиста обично се добро организирани не го поднесуваат нередот, и ова е сосема во ред. Но, ако сте забележале дека ве иритира дури и кога најмалиот предмет не е на свое место, можно е да станува за опсесивно компулсивно нарушување.
Ако не ви пречи тоа што одвреме-навреме има по нешто расфрлано во бањата, вие сте спонтана и безгрижна личност.
Но сепак, ако станува збор за огромен неред кој со недели не можете да се натерате да го исчистите, обрнете внимание на менталното здравје.
Обично луѓето кои се чувствуваат депресивно и се изложени на многу стрес го запоставуваат чистењето на бањата, но и на целиот дом.
Спирова С. | Црнобело