Приватни летови, Cartier накит: Дадилка на децата на богатите и славните открива детали од работата
„Често ме бараат за да најдам дадилки за познати личности од Лондон и Лос Анџелес. Често сакаат неколку дадилки, една дадилка едноставно не им е доволна. Плус, богатите клиенти очекуваат дадилките да имаат врвни вештини“, раскажува Тифани Норис од Лондон.
Дадилките вработени да ги чуваат децата на богатите и славните имаат можност да водат луксузен животен стил, како на пример летање со приватен џет, добивање скапи подароци, огромни парични бонуси и што уште не.
Нивните клиенти знаат да имаат големи барања, но и добро плаќаат, па платите на овие дадилки на годишно ниво стигнуваат и до 140.000 евра, открива дадилка за богатите и славните од Велика Британија.
Овие дадилки често зборуваат по неколку светски јазици и знаат вештини од типот на скијање, самоодбрана, па дури и тактики за избегнување на папарацо фотографите.
Тифани Норис од Лондон работи како дадилка за многу богати клиенти и вели дека нејзината работа ѝ дозволува да биде дел од светот на богатите и славните, но по завршувањето на работното време таа сака да води скромен живот.
Досега има работено за познати личности, банкари, доктори и низа други клиенти со големо банковно салдо. Со оваа кариера започнала од 2016 година и вели дека целта на нејзиното работно место е колку што може да им го олесни животот на богатите семејства и колку што може да ги заштити од стрес.
Таа дури отворила и своја компанија „The Mummy Concierge“, каде нуди услуги од дадилки за богатите семејства.
„Често ме бараат за да најдам дадилки за познати личности од Лондон и Лос Анџелес. Често сакаат неколку дадилки, една дадилка едноставно не им е доволна. Тие треба да им помогнат за сѐ – од пронаоѓање на некоја книга за нивното дете и придружба на одмори, па до проверка на болничките соби пред породување“, вели Тифани.
Таа открива дека дадилките се плаќани од час, а без проблем летаат низ светот на барање на клиентите.
„Ми имаат подарено Cartier часовник во знак на благодарност, а ми нуделе и да користам ексклузивна вила за одмор во Јужна Африка, но тоа не е причината поради која ја работам оваа работа. Придобивките се огромни, но јас ги сакам децата и ги третирам исто сите без разлика дали се 'обични' или ВИП клиенти.“
Во нејзината компанија вработува само дадилки со врвни вештини и образование, затоа што богатите клиенти го очекуваат само најдоброто.
Тифани вели дека клиентите знаат да имаат чудни барања, а предизвикот е тие да се исполнат и едновремено тоа да биде забавно за децата на клиентите. На пример, понекогаш наместо колачиња и торти на некои роденденски забави наложено е да се служи само овошје.
Исто така, таа открива дека едно семејство барало од неа за нивното 4-годишно детенце да пронајде тренер за бонтон и добро однесување.
„Имам летано на островот Ибица само за вилата на моите клиенти да ја направам безбедна за нивното бебе за кога ќе дојдат тие на одмор да биде сѐ подготвено.
Телефонот не го гасам никогаш и поради типот на мојата работа морам да бидам достапна и во 2 часот по полноќ“, вели Тифани, која открива дека и самата е мајка и дека идејата за оваа работа ја добила кога била бремена со првото дете и сфатила дека всушност никој околу вас не ви помага и не ви кажува како да бидете добар родител.
С. С. | Црнобело