„Никогаш не сум бил посреќен“ – Маж живее на приватно островче со две мали куќички (фото)
Кога родителите му рекле да се исели од дома, Тим Дејвидсон од САД си купил мал дом на тркала, а неколку години подоцна инвестирал во мало островче кое го претворил во вистинска оаза.
Кога бил во доцните 20-ти, родителите на Тим Дејвидсон му рекле дека е време да се исели од нивниот дом. Тим размислувал за неговите опции и му било јасно дека нема доволно пари за да купи куќа. Истовремено, не сакал да вади огромни кредити што ќе ги отплаќа целиот живот.
Всушност, Тим воопшто не сакал да купува голема куќа и отсекогаш сметал дека му е сосема доволно да има мал простор за живеење, само со неопходните работи. Тогаш се сетил на американска компанија која продава мали домови на тркала, ги контактирал и си купил мала куќичка по цена од 70.000 долари.
„Имав многу предности што го направив тој избор. Многу побрзо ќе отплатам кредит за мала куќичка отколку за огромен дом, а во неа имам сè што ми треба“, вели тој.
Кога се вселил во малата куќа, Тим го прифатил минималистичкиот начин на живот и исфрлил речиси 80% од работите што ги поседувал. Првите две години Тим ја преместувал куќичката и живеел на различни локации, но по некое време сакал да најде постојано живеалиште.
Токму во периодот кога почнал да размислува за тоа, случајно налетал на оглас за продажба на мало островче во Флорида, на само неколку метри од брегот.
Островот кој има површина од околу 6.000 метри квадратни се користел како депонија за стари камп приколки, а е поврзан со брегот со мал пат. Тим открива дека на почетокот сопственикот му барал „астрономска сума“, но после неколку денови преговарање, успеал да го купи за околу 200.000 долари.
Откако го средил, Тим го паркирал својот дом на тркала на островот и живее таму веќе две години.
Со текот на времето тој го претворил островчето во вистинска оаза – направил тревник, засадил тропски овошки и си направил природна ограда околу островот од дрвја.
Но, штом почнала првата сезона на урагани во Флорида, сфатил дека ќе му треба постабилен дом од куќичката на тркала. Тогаш направил уште еден мал дом, доволно цврст за да ги издржи силните ветришта од ураганите.
Сега тој најчесто престојува во домот на тркала, а одвреме-навреме ја издава новата куќичка на Airbnb за да си ги покрие трошоците.
Тој вели дека на неговото островче е посреќен од кога било, воопшто не размислува за поголема куќа и е убеден дека ја направил вистинската одлука.