Работела како хигиеничарка и не знаела ни збор англиски - жената која помогна во „освојувањето“ на Марс
Кога имала 17 години, Дијана Трухио одлучила да се исели од родната Колумбија. Со само 300 долари во џеб, не знаејќи ниту збор англиски, Дијана се качила во авион и заминала за САД. Почнала да работи како хигиеничарка за да може да ги плати студиите и во 2007-ма се исполнила нејзината најголема желба – добила работа во НАСА, а годинава беше дел од тимот што го слета роверот на Марс.
Дијана е инженер во НАСА која беше дел од тимот кој го испрати роверот Perseverance на Марс. Уште од кога помни за себе, таа сонувала да ја истражува вселената и да дознае нешто повеќе за нашиот универзум, и дефинитивно ја постигнала својата цел.
Дијана, заедно со нејзиниот тим, ја направи роботската рака со која роверот собира примероци од Марс, а истовремено е и еден од координаторите на летот.
Мајката на Дијана студирала медицина, но кога останала бремена, морала да се откаже од школувањето. Дијана била свесна за ова и не ѝ се допаѓало што жените од нејзиното семејство воопшто немале можност да ги остварат своите цели. Ова, пак, дополнително ја мотивирало да не ги повтори нивните грешки.
„Како девојче, гледав како жените од моето семејство се откажуваат. Ова ми го даде потребниот поттик. Си реков дека нема да се откажам од мојот сон“.
Дијана не знаела ни збор англиски, кога на 17-годишна возраст одлучила да се пресели во САД. Кога стигнала во државата, имала само 300 долари и тогаш главната цел ѝ била да не остане гладна.
„Кога пристигнав во САД, најмногу сакав да ѝ помогнам на мајка ми. Но, да бидам искрена, најважно ми беше да не останам гладна“.
Дијана успеала да си најде работа како хигиеничарка и постепено го научила јазикот. Потоа се запишала на колеџ, каде што се истакнала над другите студенти, особено на предавањата по математика. Во меѓувреме, продолжила да работи како хигиеничарка за може да плати за училиштето.
Кога го завршила колеџот, Дијана знаела дека сака да оди и на факултет, но не била сигурна што да учи. Но, штом влегла во канцеларијата на деканот на Универзитетот во Флорида и здогледала фотографии од жени астронаути, сфатила дека тоа е нејзината цел.
„Да бидам астронаут и да го претставувам целото човештво – нема поголема чест од тоа“.
Дијана почнала да ја изучува аеронаутиката, повторно се истакнала над студентите, а пота успеала да влезе во програма на НАСА. Таа година, од НАСА примиле само двајца во програмата, а Дијана била една од нив.
Патот до НАСА не бил воопшто лесен за оваа неверојатна жена, но таа вели дека во секој миг се обидувала да гледа можност.
„Буквално секоја ситуација ја гледав како можност. Кога бев хигиеничарка не си мислев ’Не ми се верува дека чистам тоалет‘. Туку, си велев ’Мило ми е што имам работа, дом и што можам да си купам храна‘. Мислам дека сето ова ми даде нова перспектива на животот“.
Како што напоменавме, Дијана воочила дека жените од нејзиното семејство се откажуваат од нивните соништа, па сакала да им докаже дека не треба да го прават тоа:
„Сакав да му покажам на семејството, особено на мажите, дека треба да ги ценат жените. Голем поттик ми беше желбата да им докажам дека и ние жените сме важни“.
Денес Дијана работи во една од лабораториите на НАСА, а имаше огромна улога во слетувањето на роверот. Кратко по големиот настан, Дијана изјави дека ѝ требало време за да поверува дека навистина слетале на Марс:
„Постојано си велев ’Што се случува?!‘ Но, штом пристигнаа првите фотографии и видеа од Perseverance, сфатив дека ова сепак е реално. Дури откако ја видов фотографијата се убедив дека навистина слетавме“.
Дијана се надева дека еден ден ќе има можност да оди и во вселената, но многу повеќе сака нејзината приказна да ги инспирира жените, особено од латино-американско потекло како неа, да ги следат своите соништа, без разлика колку големи им изгледаат.
„Кога ќе видат дека и јас, жена, сум стигнала дотука, ќе се свртат кон нивните деца и ќе им речат ’И ти можеш да го направиш тоа‘“.
Спирова С. | Црнобело